| четврток, 6 декември 2018 |

Мотивот за убиството на Асани е крвна одмазда – детали од вчерашното пукање во Струга

struga ubistvo
Зад убиството на Аргетим Асани, стои 23 годишниот Абдулај Купа од струшко Велешта, брат на Уран Купа кој го чуваше грбот на градоначалник Зеадин Села, а беше киднапиран и убиен во февруари годинава.

Мртвото тело на Уран Купа беше пронајдено после еден месец во месноста „Дупки“ во близина на реката Сатеска кај струшкото село Дрслајца. Со цел да сеодмазди за убиството на својот брат, Абдулај Купа, вчера во центарот на Стругаго уби заменик директорот на УЈП Аргетим Асани, а потоа сам и се предаде на полицијата.

Абдулај пукаше околу 13 часот и 15 минути, кога сега починатиот излегувал од деловен објект лоциран на една од најфреквентните струшки сообраќајници во близина на полициската станица. Во тој момент сега пријавениот Абдулај Купа излегол од возило со сребрена боја марка „Голф“ и кон сега убиениот испукал 14 куршуми со пиштол. 42-годишниот Асани кој се здобил со повеќе прострелни рани во градите и вратот, веднаш бил пренесен во општата болница во Струга каде била констатирана смрт.

-Откако нелегално набавил огнено оружје пиштол, во текот на вчерашниот ден извршил кривично дело убиство на улицата Маркс и Енгелс во центарот на Струга – изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „убиство“ и едно казнено дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјал“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Абдулај Купа.

-Утврдувањето на причините или мотивите е во надлежност на судот,во моментов имаме разговори во судот,поднесена е кривичната пријава во текот на денешниот ден и во една легална судска постапка ќе бидат утврдени причините за извршеното кривично дело убиство – вели Димовски.

По превземените мерки и извршениот криминалистичко технички увид на местото на настанот предводен од јавен обвинител, полициските службеници извршиле претрес во домот на сега пријавениот Купа. Во дворот било возилото „Голф“ со струшки регистарски таблици, а во багажникот од возилото пронајден е пиштолот со кој пукал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top