Светиот Архангел Гаврил е благовесник на зачнувањето на нашиот Бог Исус Христос, Синот Божји. Но, со архангел Гаврил се поврзуваат сите настани што имаат врска со Христовото вочовечување.
Тој ја посети Богородица и ја извести дека дошло времето на воплотувањето на Логосот Божји, и дека таа ќе биде Неговата мајка. (види Лк. 1, 2656) Неговиот спомен Светата православна црква го празнува следниот ден по Благовештение на Пресвета Богородица, односно на 8 април, според новиот (или на 26 март според стариот) календар. Празникот е наречен собор бидејќи тогаш во храмовите се собираат оние што веруваат во него. Заедно со Архангел Михаил тој е најпознатиот меѓу ангелите, оној што соопштил повеќе вести поради што е познат како гласоносец или како вестител. Освен што на Богородица и се јавил во Назарет и и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот Исус Христос (Свето Благовештение), тој е познат и со повеќе други јавувања како во Стариот така и во Новиот завет. На Захарија му се јавил и му соопштил дека ќе му се роди син што ќе се вика Јован (св. Јован Крстител), а поради тоа што овој не поверувал го казнил со одземање на гласот до раѓањето на синот. На Богородица и се јавил и и го соопштил денот и часот на нејзиното Успение, на пророкот Данило му се јавил и му соопштил за доаѓањето на Спасителот, на Мојсеј му се јавувал повеќепати додека овој го чувал стадото на Јатор, му соопштил многу важни работи меѓу кои и за постанокот на светот што овој ги запишал во Прва книга Мојсеева (Битие) застапена на почетокот од Стариот завет на Светото писмо. Им се јавил и на светите Јоаким и Ана и им соопштил дека ќе им се роди ќерка Дева Марија што ќе се прослави со тоа што ќе го роди Спасителот, на Пресвета Дева Марија освен тоа што и се јавил кога и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Сопасителот и се јавувал и друг пат и тоа повеќепати, додека оваа престојувала во храмот во Ерусалим, му се јавувал на праведниот Јосиф, на овчарите што ги паселе своите стада на ридовите околу Витлеем кога при раѓањето на Исус силна светлина ги исплашила, му се јавувал и на самиот Господ Исус Христос кога го бодрел при страдањата, им се јавил на жените мироносници утрото по Воскресението кога го посетиле Господовиот гроб.
За сите овие јавувања на архангел Гаврил Светата православна црква го востановила празникот Собор на св. архангел Гаврил што се празнува на 26 јули според новиот (или на 13 јули според стариот) календар. Овој празник се празнува и со домашни служби и со селски собори многу посвечено во однос на 8 април поради тоа што овој празник е веднаш по големиот празник Благовештение, и е во негова сенка, а се паѓа и во строгите или тешки Велигденски пости. Се смета дека ова празнување за прв пат е востановено на Света Гора во IX век по повод едно јавување на архангелот кога со прст, врз каменот во една ќелија, ја напишал песната „Достојно ест“, посветена на Богородица. Поради тоа оваа ќелија до денес се вика „Достојно“. Гаврил значи „сила Божја“, поради што и неговото јавување на Благовештението има и симболично значење, укажува на силата на тој што ќе се роди од Пресвета Дева Марија, дека тој ќе биде силен, семоќен, односно дека тој ќе биде Бог Спасител. Архангел Гаврил, заедно со Архангел Михаил го имаат чинот на серафимите, а серафимите имаат највисок ангелски чин поради што стоеле најблиску до Бога. Кога му се јавил на Захарија му рекол: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога…“ (Лука 1/19) Значи Гаврил е еден од седумте најблиски до Господа серафими чии имиња се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Ехудил, Варахил. Некои кон овие го додаваат и Јеремил. Сите имаат иста чест или исто ниво на значење, но имаат различни служби. На иконите, светиот Архангел Гаврил е претставен или со крин при Благовештението на Пресвета Богородица, или со рајска гранка при Успението на Пресвета Богородица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст