Фестивал на античка драма Стоби, кој годинава ќе се одржи по четиринаесетти пат, наместо во јули ќе се одржува од 5-ти до 22-ри септември и наместо на сцената на античкиот театар во археолошкиот локалитет Стоби, ќе се пресели во Народниот театар-Велес.
Директорот на фестивалот Зоран Љутков соопшти дека добиле писмо од раководниот тим на Националната установа Стоби дека таму се изведуваат реставраторски работи и поради небезбедност на трибините нема можност да се одиграат претставите.
– Во Стоби се уште интензивно се изведуваат реставраторско-конзерваторските работи, а левата страна од кавејата на амфитеатарот е небезбедна за публиката, истакна Љутков.
Додаде дека, сепак, ако поголемите реставраторски зафати се завршат, очекува барем две до три претстави да се одиграт во Стоби поради барање на бројната публика.
Од организацискиот одбор денеска не сакаа да ги соопштат претставите кои ќе гостуваат на 14-тиот фестивал зашто е можно да има промени поради корекција на термините. Открија дека очекуваат девет или десет претстави, а програмата ќе ја најават на крајот на август.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


