Македонскиот шампион и во 23. издание на Лигата на шампионите нема да игра во фазата по групи, откако Вардар беше елиминиран од АПОЕЛ на гол-разлика. Без пораз, а сепак недоволно за да се помине првата пречка во новиот квалификациски циклус на патот на остварување на сонот и настап во луксузното натпреварување
Македонскиот шампион Вардар го помина, веројатно, најтешкиот пат во спортот, да биде елиминиран без пораз, во двомеч со екипа што беше фаворит и клуб како АПОЕЛ, кој е веќе редовен учесник во фазата по групи на Лигата на шампионите или Лигата на Европа на УЕФА во последните пет-шест години. На двапати со реми, Кипраните поминаа понатаму во третото квалификациско коло за пласман во ЛШ, а клучен беше погодокот на Томас де Винсенти на скопскиот реванш-меч. За Вардар остана како утеха погодокот на Благоја Љамчевски во судиското продолжение, а „суровото“ правило на УЕФА да вреди голот постигнат на гости при изедначен вкупен резултат беше пресуден за елиминација на македонскиот првак.
Или, како што по завршувањето на реваншот во Скопје дофрли некој од публиката: „Здравје, в година“.
Вардар, Шкендија, Работнички или некоја друга екипа ќе се обиде по 24. пат следната сезона да направи подвиг и да стане првата македонска екипа што успеала да се пробие до фазата по групи во луксузното натпреварување. Од формирањето на Лигата на шампионите во овој формат во 1992 година, ниту една македонска екипа не била дел од фазата по групи.
Дотогаш останува да се анализираа грешките на Вардар, на неговото раководство, на играчите, стручниот штаб и да се надградат добрите работи. Факт е дека работите мрднаа од мртва точка, сѐ повеќе се инвестира во квалитет на играчите, барем така е во Вардар и во Шкендија, но сепак и тоа се покажа како недоволно експресно да се стаса до елитата.
АПОЕЛ имаше две седумки, Вардар остана без џекпот
Вандер Сакраменто Виеира, играчот со две седумки на дресот, беше клучната разлика за пласман на АПОЕЛ понатаму и за елиминација на Вардар во втората квалификациска рунда. Класа играч е Бразилецот, едноставно ги држеше сите конци во играта на кипарскиот шампион и беше тегот на вагата што измери АПОЕЛ да му излезе на мегдан на Митјиланд во третото квалификациско коло. Некогашниот фудбалер на Фламенго, кој пристигна во АПОЕЛ од бугарски Ботев, феноменално ги проигруваше своите соиграчи, а токму неговата едноставна, но и прекрасна асистенција до Томас де Винсенти го реши двомечот. Проработи бразилско-аргентинската врска кај АПОЕЛ, квалитет што, за жал, го нема Вардар.
„Одамна немаме гледано толку добар играч во Скопје како гостинскиот играч со број 77 (Вандер, н.з.). Има сѐ, и техника и брзина и точни проигрувања. Едноставно, беше незадржлив“, беа коментарите од публиката.
„Црвено-црните“ немаат играчи од калибарот на Вандер, на Де Винсенти, на Леал и затоа елиминацијата е логична, иако навидум е доживеана во изедначен двомеч. Реалноста е, сепак, поинаква за сите што ги следеа двата меча. На првиот во Никозија, вардарци немаа директен удар на голот на противникот и играа класичен бункер. Благодарение само на неверојатните одбрани на голманот Томе Пачоски, остана нерешено, без голови. Во реваншот пред своја публика, повторно се играше воздржано, без видлив и победнички концепт, што на крајот беше кобно за Вардар. Стил на игра доволен само за чесна елиминација, но останува впечатокот дека „црвено-црните“ можеа да одиграат похрабро, подобро и посилно да го притиснат противникот. Европа и, особено, натпреварување какво што е Лигата на шампионите, е резервирано за храбрите, за тие што имаат јасна стратегија како да го пробијат тешкиот квалификациски обрач. Дека и аутсајдерите можат да стасаат до целта покажуваат примерите на Динамо Загреб, Партизан, Лудогорец, Марибор…. Екипи од нашето опкружување, кои го почувствуваа вкусот на најдоброто во клупскиот европски фудбал, настап во фазата по групи во ЛШ.
Андреев заспа, „црвено-црните“ доцна се разбудија
Многу коментари кај навивачите на Вардар, па и на сите љубители на фудбалот, од самиот почеток предизвика именувањето на рускиот тренер Сергеј Андреев за шеф на стручниот штаб. Човек што има одлично фудбалско педигре како репрезентативец на СССР, но и тенко досие како тренер. И во Вардар, барем досега, не покажува дека е кадарен да направи нешто значајно, особено не да го поведе Вардар во впечатлив исчекор на европската сцена.
А за волја на вистината „црвено-црните“ ги имаат сите услови за посериозно да атакуваат на пласман во ЛШ, или барем да стасаат до фазата по групи во ЛЕ. Вардар има играчи што се одлично платени, на едно место се најдоа дузина поранешни и сегашни македонски репрезентативци, но нема резултати на европска сцена. Ретко која екипа од нашето фудбалско милје може да си дозволи сериозни подготовки во Австрија, како што им беше овозможено на вардарци лани и годинава да се подготвуваат во Бад Тацмансдорф.
На Андреев можат да му се забележат дузина грешки, кои, впрочем, беа видливи и со голо око. И на кои на реваншот во Скопје реагираа и обичните навивачи, публиката. На игра на долги топки, каква што најчесто практикуваше Вардар во реваншот, немаше висок шпиц што рамноправно ќе се носи со одбраната на АПОЕЛ и кој ќе се закани во скок-игра кон голот на ривалот. Андреев направи три задоцнети измени, откако противникот постигна гол и откако стана јасно дека мисијата да се возврати со два неопходни погодока за да се мине понатаму е речиси невозможна. И за крај, што се работело во Австрија, кога е забележливо дека нема ниту една воиграна акција, често имаше додавања во празно, задоцнети реакции на играчите, грешки и замор кај одредени фудбалери, кои не можат да го издржат темпото за вакви нокаут-натпревари. Рускиот стратег, според мнозинството симпатизери на Вардар, па и според фудбалските експерти, не покажа дека е кадарен да го предводи шампионот до европските височини и особено дека не е ништо поквалитетен од дузина наши тренери, кои комотно би можеле да го заменат на позицијата шеф на стручниот штаб на Вардар.
Лигата на шампионите бара многу, нуди уште повеќе
Лигата на шампионите е луксузно натпреварување, кое нуди многу, но и бара уште повеќе. Покрај квалитетен тим и постојани вложувања во ангажман на екстраквалитетни играчи, бара и беспрекорна организација пред и за време на натпреварите. Раководството на Вардар овој пат потфрли на неколку полиња. Долго време од клубот немаше одговор каде можат да се заменат билетите што се резервирани преку интернет, условите за работа на седмата сила повторно, како и многупати досега, беа прескромни. Сѐ што е нормално во развиениот свет и што, впрочем, е минимум услов за настап во натпреварување какво што е ЛШ, кај нас е апстрактна именка. Скромен пристап до интернет, со многу проблеми за нормална работа за новинарите, без притоа да се понуди скромно освежување со вода на температура повисока од 30 степени е недозволив пропуст за ранг на натпреварување од калибарот на ЛШ. Ова не е некаква критика само до Вардар, туку до сите наши претставници во европските купови. Сериозните клубови мислат на своите и на гостинските симпатизери, на новинарите, фоторепортерите, на сите присутни на стадионот, што е вообичаен тек на работите во луксузно милје што го нуди ЛШ. За да се стаса до исполнување на сонот и пласман во фазата по групи, треба да се исполнат елементарните услови за фудбалска дружба со елитата. И за да се инкасираат ветените милиони од УЕФА за пласман во ЛШ, треба да се вложи во сите структури на клубот, сѐ да функционира беспрекорно. Особено што лупата на УЕФА е посебно изострена за таканаречените „мали“ клубови. За да не биде и финишот во знак на критиката, треба да се спомене и пофали публиката. Околу 25.000 навивачи на Вардар во вторникот беа импресивни, создадоа прекрасна атмосфера и уште еднаш докажаа дека заслужуваат настап на нивниот миленик во ЛШ. „Комитите“, кои често го носат епитетот „траблмејкери“ беа на посакуваното ниво, го предводеа бучниот бран на поддршка за Вардар. Македонската публика уште еднаш покажа дека го сака спортот, дека заслужува да гледа врвни настани и дека сака конкурентни тим(ови), кои ќе бијат рамноправна битка со реномираните европски клубови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст