| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерството на дело

Timco-Mucunski-90x120

Тимчо Муцунски

Политичкото лидерство на ЕУ и САД на самиот почеток на ова лето преку засилена и одлучна офанзива презема редица на успешни чекори во насока на разрешување на повеќе актуелни прашања кои претставуваа потенцијална закана за загрозување на глобалната и регионалната политичката и економска стабилност.

Првото прашање на кое ЕУ посвети големо внимание непосредно е поврзано со разрешувањето на финансиката криза во Грција, одржаниот референдум и опсежните консултации и преговори на европските лидери и финансиери со премиерот Ципрас, кој несомнено води кон реализација на третиот пакет на финансиска помош и спасување на Грција од колапс.

Ципрас и Парламентот на Грција немаа друг избор освен да прифатат итно и ефикасно спроведување на нови строги економски реформи, кои се единствената надеж за обезбедување на постабилна економско финансиска состојба, но и нивно задржување во рамките на еврозоната. Со измените и дополнувањата на неколку законски прописи во Грција се зголемуваат даноците, следат реформи на пензискиот систем, а се преземаат и други реформски мерки кои се очекува да доведат до делумно стабилизирање на нивната монетарна и финансиска стабилност. Во прилог на имплементација на владини предлози се изјаснија мнозинството од пратениците, иако мора да се забележи дека грбот на Ципрас му го свртеа над 60 пратеници, меѓу кои беа и 39 претставници на владејачката Сириза. Факт е дека во текот на гласањето најголемо несогласување со најновите мерки покажаа токму дел од пратениците од владејачката партија – Сириза, која со тоа докажа дека не ја напуштила својата популистичка платформа на дејствување. За одбележување е дека илјадници луѓе во Атина и други градови во Грција отворено демонстрираат против новите мерки за штедење и најавуваат топла политичка есен, без да се исклучи можноста веќе оваа есен да се отвори прашањето за одржување на вонредни парламентарни избори.

Очекувано е во текот на деталните разговори нa лидерите на ЕУ и еврозоната што ќе траат во текот на наредните неколку недели отворено и детално да се разговара за новиот пакет помош за Република Грција, а кој вклучува редица економски реформи што треба да ги преземе оваа држава во текот на следните три години и кои се услов за добивање на неопходните финансиски средства во износ од 85 милијарди евра.

Наскоро ќе бидат познати ефектите од европската визионерска политика, која барем засега делумно успешно го одржува балансот меѓу интересот на Унијата, суверенитетот на земјите и демократските вредности и права кои им припаѓаат на европските граѓани.

Второто зачајно прашање на кое САД и ЕУ му дадоа посебно внимание е поврзно со прифаќањето на значајниот сеопфатен договор околу иранската нуклеарна програма, кој има за цел ограничување на развојот на нуклеарните можности на Иран за невоени цели. Како адекватна замена за кооперативноста на Иран, Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно прифати Резолуција, со која се овозможи укинување на меѓународните санкции против таа земја во замена за гаранции дека тие нема да продолжат со програмата за развивање на нуклеарно оружје. Без оглед на фактот дека самите преговори и постигнатиот договор наидоа на голем број на критики од страна на Израел, Саудиска Арабија, Конгресот на САД (кој треба да даде оценка и да го прифати договорот), Парламентот на Иран и др., сепак постигнувањето на таквиот договор се третира како голем заеднички дипломатски успех на земјите членки на ЕУ и САД. Важно е да се нагласи дека договорот има сериозен потенцијал да внесе зголемен степен на доверба, мир и стабилност во регионот на Блискиот Исток и пошироко.

На листата прашања на кои преку свои елитни посредници се обидоа да делуваат ЕУ и САД и кои се третираат како делумно успешни беше и разрешувањето на внатрешно политичката криза во Република Македонија. По успешното завршување на преговорите меѓу четирите лидери на најголемите четири парламенетарни партии во Република Македонија дојде до формално потпишувањето на договорот кој силно беше поздравен од страна на ЕУ и Соединетите Американски Држави. Од нивна страна беше нагласено дека договорот е компромис меѓу сите партии и ги засилува можностите и изгледите на земјата за побрз пристап кон евроатланските интеграции, но и силно им служи на интересите на граѓаните на Република Македонија.Заедничките напори на САД и ЕУ (преку еврокомесарот Јоханес Хан и тројца членови на Европскиот Парламент), заедно со амбасадорите на Европската унија и на САД во Скопје, дадоа добар резултат.

Би требало да се констатира дека постигнатиот договор меѓу лидерите на четирите политички партии во Република Маедонија со посредство на меѓународната заедница, претставува соодветно решение за излез за актуелната политичка криза. Истиот е во прилог на подршка на демократијата, силната политичка воља и зрелоста на македонските политичари, заради кои причини непотребен е било каков пристап кој води кон прогласување на победници и поразени. Политичкиот компромис секогаш е израз на слободна воља на спротиставените страни кои покажуваат висок степен на одговорност и желба за изнаоѓање на решение и за најтешките суштински прашања од кои зависи развојот на едно демократско општество како што е македонското.

Можеби најзначајно е тоа што овој договор широко и ги отвора вратите на Македонија за остварување на стратешки надворешно политички цели насочени кон евроатлантските интеграции. Од посебна важност за РМ и нејзините граѓани е и постигната согласност околу определувањето на датумот на вонредните парламентарни избори, начинот на составување на владата пред изборите, како и решеноста за спроведување на потребните реформи на изборното законодавство. Искрено очекуваме дека овој договор ќе и помогне на РМ да ја задржи препораката за почнување пристапни преговори со ЕУ, но и конечно да го реализираме своето заслужено членство во НАТО. Договорот истовремено силно ќе ни помогне и во процесот на нашите идни дипломатски активности кон земјите членки на двете организации, од кои очекуваме безрезервно да ја подржат нашата евроатлантска перспектива.

Договорот служи и како дополнителен поттик за продолжување со неопходните реформи во сите области, што вклучува напредок, просперитет и непречен политички, економски и културен развој на државата и нејзините граѓани.

На крајот на денот, граѓаните се тие кои го даваат конечниот суд за успешноста или неуспешноста на одредена политика, а за нив секако најмеродавни се постигнатите резултати засновани на стратешки и програмски определби и на силно почитување на европските демократски вредности. Секојпат победници се оние кои успеваат да се соочат со современите политички, безбедносни и економски предизвици, кои за граѓаните значат стабилност, мир, безбедност, добри меѓуетнички односи, нови инвестиции, нови работни места, квалитетно образование и здравство и квалитетен живот во сите области на секое демократско општество.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top