| четврток, 6 декември 2018 |

Во Струга почнува третиот „ДримОн“

Дебати, работилници, изложби, проекции на филмови, концерти, дружење и поттикнување на размислувањата и делувањата на полето на уметноста и културата ќе бидат дел од третото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримОн“ што ќе се одржува од денеска до 26 јули во Струга под мотото „На мускули“.

drimOn

 

„ДримОн“ става акцент на независната уметничка и културна сцена, на новите движења, на активизмот и граѓанското делување. Ги обединува добрите и корисни иницијативи кои имаат за цел да го раздвижат и поттикнат културното живеење во Струга.

Како што информира организаторот Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), првите три фестивалски денови ги почнува колективот на „Кула“ со т.н. реди мејд работилница (принцип на изразување карактеристичен за визуелните уметности) чија идеја е вмрежување млади луѓе заинтересирани за алтернативните начини на употреба на секојдневните предмети. За денеска се предвидени изложби на Наталија Башоска, Никола Матоски и Викторија Попоска, проекција на филм на Јане Алтипармаков и концерт на ПМГ Колектив, за утре изложби на Горан Дачев и Горан Менков, проекција на кратки филмови на студенти од ФДУ и диџеј сет на Александар Гавровски, а за петок работилница што ќе ја одржи модната дизајнерка Ирина Тошева, промоција на книгата на Ана Јовковска и претстава во режија на Игор Трпче.

Викендот почнува со танц работилница за млади под водство на Сабрина Железник, а ќе има и предавање на Владимир Јанчевски, како и изложби на Дарко Алексовски, Дарко Петрушев и Алма Идризи. Последниот ден е резервиран за видео перформанс на Весна Дунимаглоска и изложба на Давид Василев ­ Даво. За време на целиот фестивал ќе има и Саем на книга на кој ќе учествуваат издавачките куќи „Или-­или“, „Магор“, „Темплум“ и „Блесок“, како и базар на уметнички производи.

Организаторите посебно го најавуваат концертот во сабота на култната група „Телонаука совршена“ кои ќе свират по 23 години пауза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top