Подобриот тим Работнички ја загуби битката на Балтикот против Јелгава, но за пласман во третата квалификациска рунда во Европа Лигата, сепак има одлична шанса на свој терен за една седмица, кога ќе треба да ја анулира негативата од 0-1.
Македонскиот претставник во ЛЕ може да жали за испуштената шанса уште по првиот меч да ја реши дилемата за патникот во третото коло. Работнички доминираше, беше подобриот ривал на олимпискиот комплекс „Земгалес“ во Јелгава, но не ги искористи шансите, па беше казнет во финишот од мечот.
Во 87. минута во мешаница пред голот на Божиновски умешно се снајде Клускинс и ја затресе мрежата на гостите од Скопје за победа на Јелгава од 1-0. Идентичен пораз пред 10 години Работнички претрпе и од Сконто во Рига, но скопските 6-0 беа решавачки за успех на романтичарите.
И сега клубот од Дебар Маало има добра шанса да елиминира летонски тим, бидејќи се покажа во подобро издание од Јелгава. Реваншот е на 23. јули, четврток во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.