Водата се врати во езерото, Општината се посвети на плажите и на сместувачките капацитети. Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, вели дека се работи на промоција на Дојран како туристичко место. Отворена е веб-страница dojrana.mk како платформа на која тие што сакаат да дојдат можат да се информираат за сѐ, од сместување, до места за исхрана, за шетање. Туристичкото брендирање на Дојран е проект што допрва следува. Ќе се изработи лого, ќе се работи на збогатување на визуелниот идентитет на Дојран, брендирани производи што ќе се купуваат како сувенири од Дојран.
Дојран се подготвува за нова туристичка сезона. Минатото лето имавте 180.000 туристи. Колку очекувате годинава?
Стамов: Дојран е веќе подготвен за оваа сезона. Целта од 180.000 туристи што ја поставивме лани, претставува цел и за годинава. Веруваме дека ќе се надмине таа бројка. Тоа е и реалниот сместувачки капацитет на Дојран. За некоја поголема бројка во Дојран има потреба од проширување на сместувачкиот капацитет, нешто на што работиме и очекуваме овој тренд на зголемување на бројот на туристите да биде следен и од инвеститорите, да пројават интерес за инвестирање во нови хотели.
Дојран пред многу години беше познат по големиот број детски одморалишта, хотели на претпријатија. Што се случува со тие објекти?
Стамов: Речиси секое поголемо претпријатие имаше свое одморалиште. Со транзицијата голем број од тие фирми и институции не постојат. Објектите во Дојран влегоа во еден правен лавиринт, не се знаеше чија сопственоста се. Во соработка со Владата и соодветните институции се обидуваме да ги решиме тие правни лавиринти. Најголем дел од нив веќе се продадени. За дел има интерес за реконструкција од претпријатијата во чијашто сопственост се. Пред десетина дена беше продаден еден поголем хотел, на „Огражден“ или Стопанска банка. Сега тој хотел доби нов сопственик и од наредното лето ќе биде во функција. Тука би ги спомнал „Автомакедонија“ кој доби нов сопственик, одморалиштето на „Водовод“, на УЈП. Како Општина разработивме план во кој нудиме локации за изградба на нови хотелски комплекси. Имаме продадено две такви локации и наесен ќе почнат да се градат нови објекти.
Во функција се седум плажи и три и полкилометарска патека за пешачење.
Стамов: Дојран како никогаш досега има простор за плажирање, со плажи уредени по најмодерни стандарди. Седум плажи во Дојран и една во Нов Дојран. Во функција е кејот во Стар Дојран. Завршен е тендерот за изградба на дополнителни три километри пешачка патека, нешто што ќе ги поврзе Нов и Стар Дојран и со што ќе добиеме шест и полкилометарска пешачка и велосипедска патека.
Езерото беше една од главните причини поради која Дојран го загуби својот сјај. Повлечена и нечиста вода. Какви се резултатите од последните испитувања?
Стамов: Свечено одбележавме целосна рехабилитација на Дојранско Езеро, односно се врати нивото на езерото како пред еколошката катастрофа. Со тоа се создадоа подобри услови за уредување на плажите, но и подобри услови за натамошен развој на туризмот во Дојран. Минатата година комплетно ја реконструиравме пречистителната станица, преку проект со меѓугранична соработка со Грција. Денес, можеби, имаме најсовремена пречистителна станица во Македонија. Во текот на мај стигнаа испитувањата за квалитетот на водата, кои покажуваат дека најголем дел е од прва категорија, а наместа водата е од втора категорија. Тоа е нешто што во последните 5-6 години не се случило.
Следува „Д Фестивал“ закажан за 17 јули.
Стамов: За ова лето имаме подготвено одлична културно- забавна програма. Почна ликовната колонија, за секој викенд имаме договорено концерт на домашни забавни и фолклорни изведувачи. Централен настан е „Д Фестивал“, кој годинава се организира по петти пат, а првпат трае три дена. Резервирани се над 1.000 места за кампување. Веќе се полни сместувачките капацитети. Ману Чао е главна ѕвезда на 19 јуни, потоа Кирил Џајковски, британската група „Вилкисон“, „Фолтин“, „Љубојна“, „Електрични оргазам“… Има 30 изведувачи, музика за сечиј вкус.
Што е со патната инфраструктура?
Стамов: За Дојран, како и за поголем дел од општините во источна Македонија, патната инфраструктура беше проблем, нешто што беше оставено настрана. Но, помогнати од Владата и од Министерството за транспорт и врски секоја година се асфалтира дел од пристапниот пат од Валандово до Дојран. За нас е важно градењето на автопатот од Демир Капија до Смоквица. Дојран ќе биде полесно поврзан, пред сѐ, за македонските туристи, но и за српските туристи што транзитираат низ Македонија. Веќе е при крај тендерската процедура за асфалтирање на регионалниот пат Николиќ-Дојран, нешто што треба да почне кон крајот на август. Со тоа целосно ќе се поврзе дојранското крајбрежје, што дополнително ќе даде поттик за развој и на тој дел од Дојранско Езеро, како и развој на камповите од таа страна. Во тек е изработка на урбанистички план за Николиќ, за кој имаме предвидено и повеќе локации за изградба на викенд-куќи. Станува збор за пооддалечено место од Стар Дојран и мислам дека цените ќе бидат атрактивни и локациите брзо би се распродале. Од друга страна, имаме подготвено и проект за уредување плажа. Аплицираме со тие проекти до фондовите кои ни се на располагање и мислам дека наскоро ќе имаме добро уредени плажи и на тој потег.
Каков е интересот на локалното население? Верува ли дека Дојран во целост ќе го врати својот стар сјај? Инвестираат во сместувачки капацитети, угостителски објекти?
Стамов: Кога се зборува за стариот сјај, мора да се спомне дека начинот на кој се водел туризмот тогаш и сега е целосно променет. Голем дел од приватните сместувачки капацитети се преуредени. Собите се пренаменуваат во студија или во апартмани. Туристичкото биро има склучено договор со над 250 приватни сместувачки капацитети. Веруваме дека таа бројка дополнително ќе расте, има интерес за градење и на нови објекти, но и за дополнително зголемување на капацитетот на постојните објекти. Локалното население верува во светла иднина за Дојран и секое лето се гледа разлика и се чувствува бенефит од подобрување на туристичката сезона.
Сепак, на форумите може да се прочитаат многу пофалби за плажите, но и многу критики за хигиената во градот. Се соочувате ли со проблеми со канализацијата? Има ли капацитет „Комуналното претпријатие “ да се справи со зголемениот смет поради големиот број туристи?
Стамов: Имаме проблеми, пред сѐ, со хигиената и со канализацијата. Тоа е нешто во кое не се инвестирало долги години. Пречистителната станица е завршена, работиме на главната колекторска линија, имаме добиено околу 3 милиони денари за санирање на таа линија. Самата линија е изградена во 1988 година и оттогаш капацитетот кој го опслужува, во најмала рака, е десетпати зголемен. Ќе ја прошируваме главната колекторска линија, со што ќе се создадат услови за дополнително проширување на секундарната канализациска мрежа. Некаде околу 60 проценти од Стар Дојран е поврзан на канализациска мрежа. Околу 40 проценти сѐ уште функционира со јами, за кои имаме соодветна механизација за чистење. Околу хигиената, пак, во март набавивме ново возило за собирање комунален отпад. Последното такво возило кое било набавено во Дојран е во 1980 година. Зголемена е фреквенцијата на чистење на сметот, но не може 35 вработени во „Комуналното претпријатие“ да го постигнат тоа што 10.000 граѓани во еден ден можат да го остават зад себе. Затоа сметам дека и културата на луѓето е една од причините за нехигиената. Поставени се 50 нови канти за отпадоци. Го уредивме Дојран хортикултурно. Посадивме околу 5.000 цвеќиња, 100 палми, уредени се зелените површини. Се обидуваме да имаме чист и хортикултурно уреден Дојран, град кој ќе биде пријатен за престој и за прошетка.
Има забелешки и за осветлувањето на градот.
Стамов: Се работи за голема мрежа на улично осветлување. Специфично во Стар Дојран е што осветлувањето функционира со капацитет за 500 до 800 жители. Во текот на летото истиот тој капацитет опслужува 30.000 жители. Во летната сезона тешко е наеднаш да се постигне во сите сегменти она што значи комунална услуга. Континуирано работиме, изминатите две години имаме нови три километри улично осветлување. Се работи за застарен систем. Имаме подготвено неколку проекти за намалување на потрошувачката на уличното осветлување, што ќе ни донесе и заштеда, но и дополнително инвестирање – се работи за замена на светилките со ЛЕД светилки. Новата патека што ќе се прави ќе има соодветно улично осветлување, така што централниот дел ќе биде доброосветлен, а натаму како дозволуваат финансиите, така ќе биде подобрено осветлувањето и на другите места.
Разговараше: Билјана Зафирова
| Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст