| четврток, 6 декември 2018 |

Сите точки од договорот на лидерите

Европската комисија на својата веб-страница денеска го објави документот (потокол кон Договорот од 2 јуни 2015) што доцна синоќа го потпишаа лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија по неколкучасовните преговори во Скопје за надминување на политичката криза со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан и тројката европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан.

Интегрално го пренесува протоколот кон Договорот од 2 јуни 2015 година.

ПРОТОКОЛ

на Договорот од 2 јуни 2015 година

Во Договорот од 2 јуни, Член 6, алинеја 1, се наведува: „До 10 јуни партиите треба да се договорат за точната организација на влада кој ќе ги подготви изборите“. На 19 јуни лидерите уште еднаш писмено ја потврдија нивната обврзаност кон гореспоменатиот договор и се согласија да ги продолжат разговорите.

Овој Протокол се додава кон алинеја 1 од Член 6. Тој е интегрален дел од Договорот од 2 јуни.
Долупотпишаните страни се согласија на следново:
1. На 1 септември 2015 година СДСМ ќе се врати во Парламентот, што е регулирано со алинеја 2 од Член 6 во Договорот од 2 јуни.
2. На 20 октомври 2015 година ќе биде назначен нов министер за внатрешни работи кој ќе биде номиниран од СДСМ, по консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Министерската функција ќе биде техничка.
3. На 20 октомври 2015 година ќе биде назначен нов министер за труд и социјална политика кој ќе биде номиниран од СДСМ.
4. На 20 октомври ќе бидат назначени дополнителни заменици министри во следниве министерства:
а. Министерство за внатрешни работи, номиниран од ВМРО-ДПМНЕ
б. Министерство за труд и социјална политика, номиниран од ВМРО-ДПМНЕ
в. Министерство за финансии, номиниран од СДСМ
г. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, номиниран од СДСМ
д. Министерство за информатичко општество и администрација, номиниран од СДСМ

Овие заменици министри ќе имаат полно право на ревизија и вето во соодветните министерства во однос на сите законски, финансиски и кадрови прашања кои се поврзани со организација на изборите.

Сите гореспоменати новоназначени министри и заменици министри ќе останат на функциите во новата долуспомената Влада.
5. Сегашната Влада навреме ќе поднесе формална оставка до Парламентот за да овозможи новата Влада да даде заклетва на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата Влада ќе биде назначен нов премиер, номиниран од ВМРО-ДПМНЕ. Владината програма ќе биде ограничена на организација на предвремени парламентари избори.

6. Според горенаведеното, сегашната Влада ќе си даде оставка навреме за да има период од 100 дена пред следните избори, а нова Влада ќе биде назначена, ќе биде валидна до изборите во април 2016 година и, по спроведувањето на неопходните законски промени кои ќе стапат во сила што е можно поскоро, за избори во иднина.

7. Страните се обврзуваат да го почитуваат овој Договор во целост и со добра волја. Страните, исто така, се обврзуваат да избенуваат какви било нови препреки, вклучително и такви поврзани со одржувањето на избори на 24 април 2016 година.

8. Алинеја 3 од Член 6 да биде дополнета со следното: по „итно дејствување“, да биде додаден следниов текст:
„До 15 септември 2015 година, да се назначи нов Специјален обвинител со целосна автономија да ги води истрагите околу и произлезени од прислушувањето разговори. Овој Специјален обвинител ќе биде назначен според договор на сите долупотпишани страни.“

Скопје, 15 јули 2015 година
(4 своерачни потписи)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top