| четврток, 6 декември 2018 |

Откажани над 150 летови во Јужна Кореја поради тајфунот Чан хом

тајфун
Во Јужна Кореја денеска се откажани 150 домашни летови, додека над еден милион луѓе се евакуирани во Кина откако тајфунот Чан хом донесе силен ветар и поројни дождови.Силното невреме приземји и откажа над 150 домашни летови низ Јужна Кореја, јавија аеродромските власти, додавајќи дека меѓународните летови не се ставени во прашање.

Властите поради силните ветрови и поројни дождови објавија предупредува долж јужните и западни крајбрежни области каде наврнаа до 291 милиметри дожд.

Кинеските власти вчера евакуираа над еден милион лица од крајбрежните региони на кинеската провинција Зеџијанг во очекување на тајфунот Чан хом, откако тајфунот го погоди источното крајбрежје.

Директните економски штети се оценети на 1,9 милијарди јуани (319 милиони долари). Целосно или делумно се разурнати 94 станбени згради, а над 200 илјади домаќинства останаа без струја.

Откажани беа над 600 летови од аеродромите Ханџоу, Нинбо, Ванџоу и Тајџоу. Во регионот беа затворени повеќе патишта, а прекинати се и сите патнички маршрути по вода. Околу 30 илјади бродови кои тргнале на пат се повикани да се вратат во пристаништата.

Во неколку региони на провинцијата од вчера до изутрината се измерени поројни дождови од над сто литри на метар квадратен, а на места и над 400 литри.

Кинескиот Национален метеоролошки центар денеска го намали нивото на опасност од тајфун од црвено на портокалово, што е второ ниво по јачина.

Во петокот тајфунот ги погоди Тајван и Јапонија каде беа затворени училишта и прекинат поморскиот сообраќај.

Тајфунот се очекува да ослабне до ниво на тропска бура до утре пред да се приближи до северонокорејска територија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top