Желбата на Билјана Гегоска (29) утре, на Петровден, 12 јули ќе биде исполнета. Таа утре од прозорецот на куќата во Галичник ќе го чека својот избраник, Филип Белчев (26) и со бурмата во рака ќе рече „Низ прстен те гледам, во срце да ти влезам“.
– Едно нешто знаев од секогаш. Дека ќе се венчам во црквата „Свети Петар и Павле“. Може и да не бидам галичка невеста, но венчавката од секогаш знаев дека ќе биде во оваа црква – вели Гегоска.
Гегоска и Белчев се овогодишните невеста и зет на 42. Галичка свадба, која на 11 и 12 јули ќе се одржи во Галичник во рамки на „Галичко лето 2015“.
Гегоска (29) има галичко потекло и е многу среќна што конечно ќе биде невеста на манифестацијата на која досега учестувала многупати, како дел од целата церемонија. Таа по професија е дипломиран правник и работи во приватна градежна компанија. Белчев (26) е професор по македонски јазик и во моментов е невработен.
– Отсекогаш, од мала, кога сум се замислувала како невеста, тоа никогаш не била венчаница во бела боја, туку галичната невестина руба. Чувствувам голема возбуда и среќна сум што ќе бидам галичка невеста. Носијата е тешка, но се чувствувам убаво. За мене и за моето семејство улогите во свадбата не се наметнати туку ние навистина ги доживуваме – вели Гегоска.
Зa Филип чест е, вели, да се биде дел од оваа традиционална манифестација и да се прави свадба според традиционалните обичаи.
– Огромна чест за мене како Македонец е тоа што ќе бидам дел од оваа свадба – вели Белчев.
Геговска потекнува од галичко семејство, а нејзиниот татко е сопственик на коњичкиот клуб „Бистра“ од Галичник.
– Токму поради тоа немавме проблеми со обуката на невестата и на зетот бидејќи и двајцата се искусни јавачи и може да ги исполнат сите барања во однос на самите свадбарски обичаи – вели Митре Аџиевски, претседател на Месната заедница Галичник.
Гегоска и Белчев на 5 септември ќе имаат и класична свадбена веселба.
– Учестувавањто на галичката свадба го чувстувам како чекорење по нашите предци. Јас сум израсната во ова село и со оваа манифестација. И кога невестата преку прстен го гледа младоженецот и вели „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“, јас тоа навистина го чувстувам – вели идната галичка невеста.
Галичката свадба која е основен белег на Галичкото културно лето обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај од кои повеќето и денес се изведуваат за време на свадбени веселби.
Свеченоста почнува со канење на мртвите на Петровден, рано наутро, в недела, потоа канење на кумот. Следува бричење на зетот, каде што стариот побратим го бричи зетот. Се тргнува по невестата, а на чело е бајрактарот качен на коњ. Откако ќе пристигнат стројниците, зетот им бакнува рака на своите и на роднините на невестата. На зетот му се става риза на рамото и следува строевање на девојката. Свекрвата од дисазите ги вади подароците, а девојката и бакнува рака. Се товарат ковчезите, а девојката облечена во невестинска носија се качува на коњ.
Свекрвата со сито погача и бокал со вино ја пречекува невестата. Таа трипати се врти околу невестата удирајќи ја со лебот по глава. Венчавањето е во црквата „Свети Петар и Павле“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст