| четврток, 6 декември 2018 |

Боби Мојсоски: Сакав да се откажам од музиката

Пред да настапи на „Икс-фактор“ Мојсоски веќе размислувал да кренe раце од музикатa и да се посвети на тридимензионалното моделирање и на видеопостпродукција

Љубител на овошје, кој денот не може да си го замисли без кафе, а до некаде е и зависник од технологија. На детството во Охрид се сеќава како на најубав период од животот. Вели растел во времето кога немаше интернет, мобилни телефони и кога се градеа најубавите спомени и пријателства на самата улица.

Публиката допрва ќе ги запознава сите страни на Боби Мојсоски, момчето што за само неколку месеци стана миленик во регионот. Неговиот талент, харизматичноста и долгата коса го доведоа до самото финале на втората сезона на „Икс-фактор“.

Bobi-Mojsoski-5

Но, овој скромен 23-годишен охриѓанец одамна се бори за да се докаже на домашната музичка сцена. Мојсоски во 2012 година освои гран-при на познатиот фестивал „Славјански базар“ во Белорусија, но, вели, одамна ја загубил надежта дека ќе му тргне. Токму ова шоу го вратило на музичките патеки.

– Тоа беше еден период кога, за жал, размислував да кренам раце од музика и да се посветам на едно ново хоби, кое ми привлече внимание, тридимензионално моделирање и видеопостпродукција. Но, за среќа, една вечер, се сеќавам, баш пред да заспијам ми заѕвони телефонот и татко ми ми кажа дека ме пријавил – раскажува Мојсоски.

Мојсоски на сопствената кожа почувствувал колку е тешко да си пејач или музичар овде, каде што музичката сцена веќе речиси не постои.

– Премногу е тешко да бидеш музичар на овие наши простори, особено ако си анонимец. Мислам дека бројот на квалитетни песни сѐ повеќе и повеќе се намалува, иако Македонија е земја што изобилува со квалитетни вокали, а речиси нема медиумско внимание и промоција на млади таленти – вели тој.

Bobi-Mojsoski-1

Но, откако заврши шоуто, каде што го освои второто место, Мојсоски е убеден дека работите ќе тргнат на поарно.

– Откако заврши шоуто увидов каков е самиот резултат. Мислам дека, конечно, надежта ми се врати и вербата дека сонот може да се оствари. Помислата дека има толку многу луѓе што ме почитуваат мене и мојата работа, ме ценат мене како личност, ми дава мотив да одам напред. Шоуто заврши, но ова е само почеток. Вистинската работа допрва почнува – смета Мојсоски.

Мојсоски веќе добил понуди од познати македонски и врвни српски композитори.

– Ќе се работат нумери на македонски и на српски и на хрватски јазик за да се опфатат пазарите од целиот регион. Засега, не можам многу да откривам, додека не се прецизираат деталите околу соработките – вели тој.

Bobi-Mojsoski-3

Иако досега се претставуваше како поп-рок-изведувач, Мојсоски вели би сакал да експериментира и со примеси од други жанрови.

Но, не се откажува од долгата коса, која му носи среќа и без која не може да се замисли.

– Косата, на еден начин, ми стана заштитен знак. Ја носам веќе осум години и, како што полека работев на мојата кариера, така и луѓето почнаа да ме препознаваат по мојата коса – се смее тој.

Сега, откако заврши шоуто, обично бара малку време да се види со најблиските, да се отпушти со филм или серија, да прочита книга.

Не крие ни дека е вљубен.

– Па, мислам дека љубов не треба да се крие. Денес е такво време што ние луѓето сѐ повеќе и повеќе се срамиме да покажеме вистинска љубов, а ги возвишуваме тие работи како гордост и его – вели тој.

Bobi-Mojsoski-4

На прашањето зошто токму Валерија, вели дека за него таа е една прекрасна, искрена личност, која го поддржува во сѐ и го разбира.

– Со неа можам истовремено да бидам и како другар и како момче – вели Боби.

А колку пати ѝ ја испеал песната од Бојс?

– „Валерија“ сум ѝ ја испеал неколку пати, од кои еднаш за нејзиниот роденден – се смее тој.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 148. број на неделникот „Република“, 3.07.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top