| четврток, 6 декември 2018 |

Спомен-обележја за Александар Турунџев и за Димитар Илиевски-Мурато во Битола

Општина Битола ќе подигне спомен-обележја на војводата Александар Турунџев и првиот македонски алпинист Димитар Илиевски-Мурато што го освои Монт Еверест.

murato 2

Реализацијата на оваа активност ќе ја координира организациски одбор со кој ќе претседава Јовица Богоев, член на општинскиот Совет, заедно со Валентин Светозарев од Народен театар Битола, Ирена Ружин вработена во Завод и Музеј-Битола, Јане Крстески, потоа ликовниот уметник Драган Најденовски, историчарот Ѓорѓи Чекутков и Ѓуро Илиќ, дипломиран правник, шеф на кабинетот на битолскиот градоначалник.

– За изработка на идеен проект за подигање спомен обележје ќе биде распишан јавен конкурс што ќе трае 30 дена. Потоа согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележја и Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен обележја во општината Битола, очекуваме да биде обезбедено одобрение за подигување на спомен обележја кое го издава надлежен орган и да бидат запазени прописите за просторно и урбанистичко планирање. По завршувањето на комплетната процедура ќе бидат подигнати спомен обележјата на овие истакнати личности од историјата на градот, информира локалната самоуправа.

Во Битола во знак на сеќавање на војводата Александар Турунџев поставена е мермерна спомен плоча која сведочи за локацијата каде во 1905 година со бесење бил погубен, додека биста за првиот македонски алпинист кој на 10 мај во 1989 година го освои Монт Еверест, поставена е на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер и спомен плоча пред родната куќа на Мурато. Посмртно на семејството Илиевски им беше врачен и Медал за заслуги за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top