Чешката Влада го овласти министерот за внатрешни работи, Милан Хованец, денеска да разговара со своите колеги од ЕУ за можноста земјата да прими 1.500 бегалци до 2017 година, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Хованец, Чешка може да преземе 400 бегалци годинава, следната година 700, а една година подоцна уште 400 мигранти. Владата сака да има право на вето во изборот на бегалците во случај тие да покажат безбедносни ризици.
– Предлог-мандатот со кој министерот ќе делува е за периодот од 2015-2017 година да примиме 1.100 луѓе од областа на Европската унија и 400 надвор од просторот на ЕУ, кои се сместени во ужасни услови во бегалските кампови, особено во Јордан, Сирија и Курдистан – изјави потпретседателот на Владата, Павел Бјелобрадек.
Повеќето од бегалците би требало да бидат од Италија и од Грција. Бјелобрадек додаде дека Чешка со ЕУ сака да преговара главно за тоа како да се враќаат бегалците, кои нема да успеат да добијат азил во земјата.
Во случаите со бегалците од камповите во Јордан или Курдистан се планира соработка со црквите или невладините организации за безбедносна проверка, а со бегалците ќе бидат остварени разговори и тримесечен подготвителен курс.
Чешкиот премиер Бохуслав Соботка оцени дека се работи за еднократна солидарна акција.
– Еднократното и делумно прераспоредување на бегалците го сметам како неопходна помош од наша страна во актуелната кризна ситуација која ја има Европа со миграцијата – рече Соботка.
Тој потенцира дека ЕУ сега мора „примарно да се посвети на правилно функционирање на шенгенската граница и реализација на повратната политика кај нелегалните економски мигранти“.
Соботка смета дека е неопходно одлучно да се интервенира против нелегалната трговија со мигрантите и да се стабилизираат земјите кои се извор на миграциските бранови вклучително и изградба на објекти за барателите на азил надвор од границите на ЕУ.
Европската унија се обидува да ја реши кризата со мигрантите со предлози за прераспоредување на бегалците, но земјите-членки на минатиот Самит одбија да бидат воведени задолжителни квоти за примање на бегалци и сакаат тоа да биде на доброволна основа.
Земјите би требало за две години да распоредат околу 40.000 бегалци од Италија и Грција и 20.000 од бегалските кампови надвор од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.