Ни на крај памет не ми беше дека ќе ми се случи 24 декември и дека има политичари што се решаваат на политиканство и на сценарија за еден клучен документ, вели претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во интервју за „Дневник“.
Тој ја раскажува приказната за 24 декември, но и како дојде до настаните во Собранието, кои предизвика тримесечна политичка криза. Во своето сведоштво говори за закани, тропање по маси, лажни ветувања и манипулации, но вели дека не можел ни на сон да претпостави што ќе се случи. Сметал дека опозицијата сакала само политички да поентира, но дека на крајот ќе се случи рутинска седница на која буџетот ќе биде изгласан.
– Не ми е првпат да поминувам буџет во парламентот. Под мое раководство дотогаш поминале четири буџети и уште толку ребаланси. Притоа сите тие се носеа со овој ист „Деловник“, а претседатели на комисиите за финансирање и за буџет беа пратеници од опозицијата. Со нив сум имал извонредна соработка и договарање за темпото на работа при донесувањето на буџетот. Не ни помислив, а и сега сè уште не можам да сфатам дека е можно некој да помисли да го блокира донесувањето на таков значаен акт како што е буџетот и тој да биде предмет на политички сценарија.
Во сведоштвото за „Дневник“, освен што раскажува што, всушност, се случувало зад затворени врати на неговите координации и на состаноците со опозицијата од 3 ноември кога буџетот влегол во собраниска процедура, па до 24 декември, тој говори и за тоа како ја донел одлуката да бидат отстранети опозициските пратеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.