| четврток, 6 декември 2018 |

Мелничарите нудат 11 денари за килограм пченица

pcenica

Вкупно 11 денари за килограм пченица прва класа од која се произведува леб, понудија преработувачите на денешната средба со производителите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која сеуште трае.

Како што изјави Николчо Георгиев од Мак млин, целта на преработувачите е да се дојде до некоја минимална цена што ќе биде прифатлива и за земјоделците.

– Ја понудивме оваа цена зашто толку чини и пченицата во Србија. Нелогично би било да даваме повисока сума ако можеме да купиме поевтино зашто треба да направиме конкурентен производ за домашните потрошувачи- рече Георгиев.

Според него, за пченица од која се прави леб се понудени 10 денари, плус превоз и ДДВ што е вкупно 11 денари. Се што е под овој критериум, ќе се откупува по пониска цена, додека за премиум класа цената може да биде и повисока зависно од договорот меѓу производителот и преработувачот.

Мелничарите ценат дека оваа година квалитетот на пченицата е подобар од очекуваното.

Денешната средба во Министерството е продолжение на претходните две и на неа, освен земјоделците и преработувачите, присуствуваат и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top