Работнички ќе игра пофанзивно во реваншот против естонскиот претставник Флора Талин со цел да ја анулира негативата од 0-1 од првиот меч, најави тим-менаџерот Игор Ангеловски. „Романтичарите“ најавуваат победнички рецепт и пласман во следната квалификациска рунда во Европа Лигата на УЕФА.
„Работнички секако може да анулира и поголема негатива од оваа доколку одиграме како што знаеме и умееме. Ќе мораме да одиграме поофанзивно, за да ја избришеме негативата од првиот меч. Но, ќе мора и да внимаваме на дефанзивата, да бидеме мудри и да ја контролираме играта за да не се дозволат грешки како во Талин. Ќе биде значајно што побрзо да го отвориме резултатот за помирен тек на мечот во прдолжение“, изјави Ангеловски.
Капитенот Баже Илиоски ќе го игра само вториот меч на евросцената за Работнички и се надева дека повторно ќе постигне гол како и на дебито.
„Може да кажам од името на сите фудбалери дека ќе одиграме максимално мотивирано затоа што желбата на сите е пласман во второто квалификациско коло. Знаеме дека сме доволно квалитетни да ја елиминираме Флора“, вели Илиоски.
Мечот ќе се игра утре на националната арена „Филип втори“ во Скопје со почеток од 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



