| четврток, 6 декември 2018 |

Педесет килограми нерви, метар и половина инает – тоа беше Николче…

Новинарите, политичарите, бизнисмените се простија од македонскиот новинар Никола Младенов

Малиот Николче, со кого дружевме во детството, израсна во новинариште, педесет килограми нерви и метар и половина инает. Инает за Македонија да биде слободна земја. Сопругата Билјана и неговите две девојчиња треба да бидат горди, имаат со што да се  гордеат. Слава ти друже – вака новинарот Синиша Станковиќ се прости од својот пријател и колега, познатиот новинар Никола Младенов.

komemoracija-nikola-mladenov-11

Пријателите, колегите семејството, сите зборуваа за моментите со Младенов. Кавги, дружења, смеење, забави… Низ сѐ што поминува еден човек во животот. За жал, во случајот, во прекраткиот живот на Младенов.

– Николче секогаш прв дознаваше – рече Мимоза Ристова, која раскажуваше за детството на Младенов, за правењето на училишниот живот, за дружењето и за интересните муабети кои Никола секогаш имал да им ги каже…

Новинарите, политичарите, пријателите, бизнисмените се простија од познатиот новинар Никола Младенов. Тишина, солзи, воздишки од болка… и на крај едноминутен аплауз за големото новинарско перо. Неговата сопруга, за која Млаеднов велеше дека е неговата најголема поддршка, знае дека Младенов би сакал аплауз наместо молк…

komemoracija-nikola-mladenov-15

– Никола ме научи многу работи, но едно не ме научи. Како да продолжам без него – рече неговата сопруга Билјана држејќи ја неговата фотографија во рацете.

– Оваа фотографија му беше омилена. Го прашував зошто. Рече затоа што мојата рака била на неговата фотографија. Сум била неговата поддршка која го терала да продолжи напред и да се бори со сите – зборуваше сопругата на Младенов.

komemoracija-nikola-mladenov-4

Младенов се гоордееше со својот тим во „Фокус“ – рече сопругата… Стоеше зад секој напишан текст…

– Тие 50.000 евра кои ги плати како казна, а ниту, пак, тие три по 25.000 евра кои му се пресудени не можеа да го уништат „Фокус“… Секогаш кажуваше дека „Фокус“ не е Никола, „Фокус“ е тимот луѓе кои го прават – додаде таа…

Слава му!

komemoracija-nikola-mladenov-13

Младенов загина во сообраќајна незгода ноќта кон средата. Неговото тело и превртениот автомобил беа пронајдени вчера напладне.

komemoracija-nikola-mladenov-14

фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top