Марин Мрчела, претседателот на ГРЕКО -Група на земји против корупцијата, оценува дека Македонија „повеќе или помалку“ ги исполнила или работи на исполнување на препораките од третиот круг на евалуација.
– ГРЕКО даде седумнаесет препораки во мај минатата година, од нив тие што се однесуваат на инкриминацијата се повеќе или помалку исполнети. Останува само да се направи дополнителен напор во однос на финансирањето на политичките партии. Мене ми е познато дека Македонија донесе нов закон, кој наскоро ќе биде оценет од нас, мислам дека се дадени сите одговори. Не се сомневам во политичката волја, која постои во Македонија, бидејќи тоа се гледа по начинот на кој се постапува кон препораките од ГРЕКО и на кој начин се работи на законодавното поле кон сите работи што се однесуваат на борбата против корупцијата – вели претседателот на ГРЕКО.
Проблемот со корупцијата, смета Мрчела , не е само во Македонија и земјите од Балканот, туку проблем во цела Европа. Ниту една држава не е имуна на корупцијата. Според ова, секоја земја има некои свои специфичности, поради кои треба да се вложат дополнителни напори. Финансирањето на политичките партии е една од областите во кои најголемиот број, а можеби и речиси сите земји имаат голем простор за напредок. ГРЕКО гледа на одредени позиции и на практиката, односно на обуката, судските одлуки и друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


