| четврток, 6 декември 2018 |

Металургијата бара поддршка за да нема отпуштања

Македонската челична индустрија не најавува отпуштања, иако бележи пад на продукцијата, вработеноста и извозот во првите неколку месеци од годинава.

metalurgija-zt-naslovnica

 

Нејзините претставници велат дека производството и пласманот до крајот на 2015 се сигурни, а ќе се реализираат, можеби, со забавено темпо и проектираните инвестиции. Металургискиот сектор во Стопанската комора побара поддршка од Владата и уште еднаш апелира на потребата од добра инфраструктура, конкурентна железничка услуга и стабилен енергетски систем.

– Правиме максимални напори да ги задржиме луѓето, да нема отпуштања, да не ги нарушиме одлично организираните обучени, искусни тимови, а особено занаетчиските кадри кои и онака недостигаат. Но, сами не можеме се да сториме- истакна Митко Kочовски, претседател на Здружението на металургијата при Kомората.

Според него, вака значаен столб за националната економија како што е металургијата, треба да биде поддржан од надлежните на одреден начин. Kочовски нагласи дека надолен тренд секторот бележи секаде во светски рамки. Производството на челик е намалено за 2,1 отсто и особено загрижува намалената цена на никелот која изнесува 11.000 – 12.000 долари за тон. Сепак, дел од капацитетите во земјава се трудат да ги спроведат зацртаните проекции.

– Во периодот 2008/2009 година кога цената на никелот беше уште пониска, имавме проблем со пласманот, но сега не е така. Производството и продажбата ни се загарантирани и нема откажувања на договорите – посочи Герасим Kујунџиев од „Фени индустри“ и заменик-претседател на Здружението.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на кризата кај јужниот сосед, претседателот на Здружението рече дека не очекува драстични нарушувања зашто во челичната индустрија, грчкиот пазар не е многу значаен сегмент.

– Јавните финансии не би требало да влијаат на меѓукомпаниските, деловни односи. Тоа се две различни работи што не може да се поистоветуваат. Засега нема индиции за какви било нарушувања во бизнис-релациите – истакна Kочовски, додавајќи дека во секој случај, треба да се почека и да се види како Европа ќе се однесува по вчерашниот референдум.

Во Македонија, производството на метали е 9,4 отсто од вкупниот БДП, а вадењето руди на метали 1,7 или вкупно, двата сегмента во БДП учествуваат со околу 11 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top