| четврток, 6 декември 2018 |

Оглас за четири мерки за кредитирање за отворање нови работни места

Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија објавија оглас за четири мерки за кредитирање за отворање нови работни места, кој ќе трае до крајот на јули.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов изјави дека станува збор за поволен кредит, кој што може да го земат сите оние кои имаат бизнис идеја за да формираат сопствена компанија или пак постоечките компании да отворат нови работни места.

Според него, насекаде во светот и во Европа не е лесно да се стигне до поволни финансиски средства, до поволни кредити за отворање нови работни места или пак за финансирање на сопствената бизнис идеја. – Меѓутоа, во соработка со Македонската банка за поддршка на развојот, Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, од 2007 година ја реализираме мерката за кредитирање, за отворање нови работни места во постоечки компании, рече Спасов.

Тој најави дека огласот што денеска излегува ќе трае во период од 30 дена. Појасни дека сите заинтересирани невработени или сопственици на постоечки компании ќе можат да аплицираат на огласите што се објавени и може да земат кредитни средства од 3.000, 5.000 до 7.000 евра за самовработување или по 3.000 евра односно по 4.000 евра за отворање ново работно место што значи дека кредитите може да се движат од 5.000 евра, па се до 23.000 евра за младите лица до 29 години, но и за сите невработени кои имаат бизнис идеја.

Кредитот, како што рече Спасов, е по поволни услови, со само 1 отсто каматна стапка и грејс период од една до една и пол година и рок за враќање од 5 до 7 години.

– Само овие мерки за кредитирање за отворање нови работни места и за самовработување, изминативе години вродуваат со резултати. Досега се отворени над 4.200 работни места како резултат на овие мерки, што е уште еден показател за нивната успешност, рече Спасов, додавајќи дека во соработка со Агенцијата за вработување и Македонската банка за поддршка на развојот ќе продолжат да ги поттикнуваат приватните компании и невработените за да ги искористат поволностите што им се на располагање, додаде Спасов.

Директорот на АВРМ, Влатко Поповски рече дека огласот ќе биде поделен на два дела со цел побрзо да им се излезе во пресрет на заинтересираните субјекти.

– За сите што ќе поднесат апликација заклучно до 20 јули ќе биде одлучено најдоцна до 20 август, а останатите кои ќе поднесат барање по 20 јули ќе бидат разгледани по 10 август, истакна Поповски.

Сите информации за апликација за кредитирање можат да се најдат во центрите на АВРМ или на веб порталот на АВРМ, а бизнис плановите кои ќе бидат доставувани ќе бидат разгледувани најдоцна за 10 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top