| четврток, 6 декември 2018 |

Пуштено во употреба ново повеќенаменско спортско игралиште во село Николиќ (фотогалерија)

DSC_8095

Во селото Николиќ, во општина Дојран денеска е пуштено во употреба ново повеќенаменско спортско игралиште.

Премиерот Никола Груевски, кој денеска е во посета на Боганци и Дојран, изјави дека отсега младите, а и постарите од ова населено место ќе имаат можност во соодветни услови да играат кошарка, фудбал и ракомет, да се рекреираат и да ги развиваат своите спортски таленти. Игралиштето е изградено во рамки на капиталниот проект на Владата за изградба на „100 повеќенаменски спортски игралишта“ и ги задоволува сите стандарди, а е опремено и со осветлување што ќе овозможи тоа да се користи и по стемнувањето.

– Потребата од еден ваков спортски објект за селото Николиќ е јасна, уште повеќе што станува збор за рурално место во кое местата за дружба и забава не се толку многубројни како во поголемите градови. Оттаму вредноста на овој објект за жителите е далеку поголема од оние 8,2 милиони денари, потрошени за неговата изградба, рече Груевски.

Во рамки на владината програма за изградба, ревитализација и модернизација на спортско рекреативните капацитети ширум државата како што рече премиерот, спроведени се или во фаза на реализација се повеќе проекти како изградба на „50 помошни фудбалски игралишта“, проектот „35 спортски сали“, „изградба на 120 тениски терени“ и проектот „100 повеќенаменски спортски игралишта“.

Во рамки на оваа стратегија во Дојран покрај ова игралиште досега се изградени две двојни тениски терени по еден во Стар и Нов Дојран и едно повеќенаменско игралиште во село Фурка. Во иднина планирана е изгрдба на ште едно повеќенаменско игралиште и изградба и опремување на фудбалско игралиште со вештачка трева. Вкупната вредност на досега завршените проекти во Дојран изнесува над 36 милиони денари, посочи Груевски.

Потсети дека се направени неколку инвестиции во образовниот систем меѓу кои изградба на нов училишен објект за централното училиште „Кочо Рацин“ во вредност од шест и пол милиони денари, како и неколку помали санации во училиштата во Црничани, Џопчели и на подрачното училиште „Кочо Рацин“ во селото Николиќ.

Премиерот Груевски исто така најави дека ќе биде обновен регионалниот пат Нов Дојран-село Николиќ.

– Свесни за овој проблем со кој се соочувате веќе распишавме јавна набавка за избор на најповолен понудувач на која одговорија 6 компании чии понуди се разгледуваат. Според досегашниот тек на работите очекуваме работата на терен да започне во септември и да заврши за околу шест месеци, рече Груевски.

Со оглед на тоа што станува збор за еден пофрекфентен патен правец, според премиерот, предвидената реконструкција во должина од 6 километри која ќе чини 1,4 милиони евра, ќе значи конечно решавање на проблемот со поврзаноста со Дојран и со пристапот кон регионалната патна мрежа како за граѓаните, така и за индустријата.

Во општина Дојран, како што потсети Груевски, досега се реконструирани 31,5 километри патишта на четири патни правци за што се инвестирани речиси 210 милиони денари. Во тек е и обновување на сообраќајната сигнализација и опрема на патот Струмица- Дојран во вредност од 16 милиони денари. За подобрувањена водоснабдувањето и канализациските мрежи вложени се безмалку 16 милини денари за поголем број проекти.

Премиерот Груевски рече дека со над 95 милиони денари е почната изградба на комбинирана пешачка и велосипедска патека со вкупна должина од 5,4 километри околу Дојранското Езеро која треба во целост да биде завршена на крајот на оваа година.

– Во постапка е уредувањето на преостанатите 1350 метри од скоро два километри плажи меѓу кои ќе биде опфатена и 100 метри плажа граница Николиќ, додаде премиерот Груевски.

На пуштањето во употреба на повеќенаменското спортско игралиште во дојранското село Николиќ присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top