Прифатен од Нацистистичката партија во Германија во текот на 1930 година, поздравот на Хитлер „Sieg heil“ (Да живее победата) бил задолжителен за сите германски граѓани за да демонстрираат верност спрема Фирерот, неговата партија и нацијата.
Август Ландмесер, единствениот Германец кој одбил да ја подигне раката во воздух пред Хитлер на собирот во 1936 година, инаку бил лојален нацист.
Ландмесер се приклучил на нацистичката партија во 1931 година и полека почнал да напредува во хиерархијата на она што со време ќе стане единствена легална политичка сила во земјата, пишува „Бизнис инсајдер“.
Две години подоцна, лудо се заљубува во Ирма Еклер, која набрзо после тоа ја запросил, во 1935 година. Единствен проблем бил тој што Ирма била Еврејка.
Кога било откриено со кого Август се верил, тој е исфрлен од Нацистичката партија. Тој и Ирма без обзир на се планирале венчавка и поднеле барање во Хамбург. Новите Нирнбешки закони кои на Евреите им ограничувале голем број на права, биле изговор да ги одбијат во општината.
Парот и покрај тоа продолжил да живее заедно и го дочекале раѓањето на првата ќерка, Ингрид, во октомври, 1935 година.
А тогаш, на 13 јуни, 1936 година се случил собирот на кој Хитлер го пуштил во пловидба новиот брод на воената морнарица, а Август Ландмесер тоа го проследил со прекрстени раце. Неговиот акт на побуна го обиколи целиот свет откако фотографијата е развиена.
Една година подоцна, во 1937 година, на Август му било доста и од Хитлер и од нацистите, и со семејството се обидел на пребегне во Данска. Задржан е на граница и обвинет дека „ја обесчастил нацијата“ односно дека ја „посрамотил расата“.
По една година, Ландмесер е ослободен поради недостаток на докази, но му било наложено да ја прекине врската со Ирма.
Бидејќи не сакал да ја остави мајката на своето дете, тој ги игнорирал желбите на нацистите и повторно е уапсен во 1938 година, кога е осуден на три години затворска казна која ја служел во концентрационен логор.
Никогаш повеќе не ја видел својата жена, ни својата ќерка.
Тајната полиција ја уапсила и Ирма Еклер која во тоа време била трудна со нивното второ дете. Девојчето Ирена го родила во затвор, после кој е испратена во женски концентрационен логор.
Се верува дека од него Еклер е испратена во нацистички евтаназиски центар во 1942 година, во кој е погубена со уште 14. 000 лица.
Децата, Ингрид и Ирена, биле раздвоени. На Ингрид и било дозволено да живее со својата баба, а Ирена прво ја испратиле во сиропатилиште, а потоа кај старатели. Ландмесер е пуштен од затвор на 19 јануари, 1941 година.
Во февруари, 1944 година, мобилизиран е во казнен вод – 999. афрички батаљон, каде подоцна исчезнал во акција и се смета за загинат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.