– Во јуни успешно беа реализирани работилницата за конзервација и документација на римска и доцноантичка керамика и работилницата за мозаици на кои учествуваа 11 студенти и волонтери од САД, Австралија, Канада, Англија и Јапонија. Учесниците на работилницата за конзервација на керамика со помош на стручните лица од НУ Стоби, ги поминаа сите процеси на конзерваторско-реставраторските работи и документирање на керамички предмети. Во рамките на работилницата за мозаици, пак, се работеше на проект за конзервација и реставрација на мозаикот во нартексот на Епископската базилика, информира Министерството за култура.
До 28 јули во Стоби се реализираат меѓународната летна школа за археологија и првата работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и археолошки наоди.
Тринаесет студенти и волонтери, претежно од САД, учествуваат на школата за археологија во чии рамки се вршат ископувања на Теодосијанската палата. Целта на истражувањата е откривање и документирање на археолошките појави во јужниот дел на палатата.
Годинава првпат се реализира и работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и археолошки наоди, која ја предводи проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот во Квинс во Торонто.
Целта на учесниците од САД, Канада и Австралија е да направат фотограметриско снимање на дел од презентираните градби во Стоби и да изработат панорамски фотографии за виртуелна прошетка и 3Д модели. Дел од студентите работат на т.н. RTI фотографија, односно рефлективна трансформација која е особено корисна во идентификување на натписите на камен и фрески кои се тешко читливи, како и фотограметриско снимање на дел од движните археолошки наоди.
– Организирањето и реализацијата на школите и работилниците се од особено значење за промоцијата и презентацијата на богатото културно наследство на археолошкиот локалитет Стоби во светски рамки. Исто така, помагаат и во откривањето, документирањето и заштитата на нашето културно наследство со тоа што се работи за целосно самофинансирачки активности, соопшти Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.