| четврток, 6 декември 2018 |

Луксузна убавина

На плажите во текот на сезоната се организираат многубројни забави и токму лудиот ноќен живот е главната препознатливост на Миконос поради што го нарекуваат и грчката Ибица. Доколку преферирате порелаксирана вечер, посетете ги баровите што нудат прекрасен поглед кон магијата на островот, каде што можете да уживате во волшебното зајдисонце пиејќи вкусен пијалак

Еден од најпознатите грчки острови, Миконос, е асоцијација за луксуз, но и место со беспрекорна убавина кое ги наследило природните богатства на Грција и вечната убавина на Кикладите.

Сместен во централниот дел на Егејско Море, во групата острови Киклади, Миконос ги задоволува сите вкусови, дури и на најпребирливите. Од прекрасните пејзажи, преку светски познатите златни песочни плажи, до најубавите јадења кои некогаш сте ги пробале, кристално чистата вода, од луди забави до приватност и спокој… Сето тоа собрано на едно место.

Архитектурата на островот е типично кикладска – бели фасади и сини прозорци. Балконите на спектакуларните куќички изградени на брегот висат директно над морето и создаваат прекрасен амбиент. Ова место изгледа како од разгледница: малечки и бели куќи украсени со цвеќиња, тесни улички како рачно нацртани, ветерници, многу црквички и одлични ресторани и кафулиња.

Покрај тоа, Миконос важи за возбудлива дестинација за џетсетот и затоа има високи цени, но тоа не треба да ве спречи тој да се најде на листата на места што вреди да ги посетите.

mykonos-2

Патување до Миконос

Архипелагот Киклади се наоѓа во јужниот дел на Егејско Море, недалеку од главниот град на Грција. Една од опциите за пат до Миконос е автобускиот превоз. Автобуски билет до Атина во еден правец чини околу 80 евра, а повратниот околу 112 евра. Потоа еден дел од патот ќе треба да го поминете со траект. Тоа е опција и доколку патувате со автомобил. Билетот за превоз со траект чини од 30 евра, па нагоре, во зависност од сместувањето и видот на самиот траект. За автомобил на траектот треба да доплатите околу 70 евра.

Во екот на летната сезона, особено од јули до крајот на август, цените на островот нагло растат, така што подобра опција за вашето патување е почеток на јуни или крајот на август и септември. Авионските билети за Миконос се доста скапи и се движат од 500 евра, па нагоре. Меѓународниот аеродром на Миконос се наоѓа на 4 километри од главниот град.

mykonos-4

Бурен ноќен живот и прекрасни плажи

Едно од главните обележја на истоимениот град е Парапортијани, комплекс од пет цркви, но, дефинитивно, најпозната знаменитост и симбол на островот се ветерниците од 16 век. Тие често се прикажани на поштенските картички и на сувенирите, а туристите едноставно не можат да си заминат од островот без да се фотографираат со нив. Миконос во минатото бил главен производител на жито и на брашно. Тоа што некогаш било главен дел во трговската активност и сила на локалната економија, денес е атракција за туристите откако млиновите на ветерниците престанале да работат уште во 20 век. Порано имало дваесет ветерници на островот, сега само седум.

Најубавите плажи се наоѓаат на јужниот дел на островот и до сите нив може да стигне со автобуски превоз, кој е многу добро организиран. Од друга страна, тие на северното крајбрежје се посетени од туристи што сакаат приватност и мир во текот на својот одмор. Најпознатата плажа на Миконос е Парадајс бич.

На плажите во текот на сезоната се организираат многубројни забави и токму лудиот ноќен живот е главната препознатливост на Миконос поради што го нарекуваат и грчката Ибица. Доколку преферирате порелаксирана вечер, посетете ги баровите што нудат прекрасен поглед кон магијата на островот, каде што можете да уживате во волшебното зајдисонце пиејќи вкусен пијалак.

mykonos-3

Миконос е познат и по своите ресторани и живописни мали таверни покрај морето, каде што со чашка узо може да пробате некои од добро приготвените специјалитети, како какавија (многу богата и вкусна рибја чорба), триволија (многу карактеристично сирење со благокисел вкус) или лоуканика (домашни колбаси богати со додатоци, како што се оригано, маслинки или пиперки).

Со повеќе од еден милион туристи годишно, Миконос е еден од најпопуларните грчки острови, а дури 90 проценти од жителите тука живеат само од туризам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top