| четврток, 6 декември 2018 |

Слабоста на ЕУ го дестабилизира Балканот

 

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

1.
За емигрантската криза ќе нема решение најмалку до есен. Несреќниците што ни доаѓаат од Азија и од Африка и натаму ќе треба сами да се борат со предизвиците на патот до подобар живот. За тоа најмалку е виновна Македонија, колку и да сака некој тоа да ѝ го наметне како грев. Оние најодговорните, членките на Европската унија, одлучиле дека до септември не можат да постигнат согласност за прием на бегалци. Западните аналитичари оценуваат дека при донесувањето на оваа бедна и срамна одлука, шефовите на владите на земјите-членки се воделе од стравот да не си го нарушат рејтингот во матичните земји. И додека дипломатите се грижат да не си го нарушат угледот пред гласачите, Грција, земја-членка на ЕУ, продолжува да нè полни со бегалци, а други членки, пак, немаат намера да ги отворат границите за да можат да влезат кај нив. Со политички неморалниот Брисел, не само што најбезобразно си поигрува со судбината на овие луѓе, туку и сериозно ја загрозува безбедноста на Балканот, пред сè на Македонија, оставајќи нè сами да се справуваме со бранот емигранти и со сите опасности што ги носат тие луѓе со себе.

2.
Во Брисел немаат намера да преземат одговорност ниту за ширењето на радикалниот ислам ниту за безбедносните проблеми што ги предизвикуваат терористите што доаѓаат од територија што би требало да е под нивна контрола. На таа тема од говорницата во Бундестагот говореше германската пратеничка Севим Дагделен, која предизвика овации кај колегите од левицата кога јавно праша до кога Германија и германската војска стационирана на Косово ќе ги поддржуваат големоалбанскиот национализам, УЧК и терористичките центри кои носат насилство во регионот. За волја на вистината, големоалбанскиот национализам не е толериран само од Германија, туку и од другите западни велесили. Премолчената поддршка на овие криминално-терористички структури е една од главните фактори кои го одржуваат во живот сонот за Голема Албанија, а со тоа значително се придонесува за нарушување на безбедноста на целиот Балкан.

3.
Косово, државата за која Брисел и Вашингтон гарантираат дека е фактор на стабилност, прво го одби барањето за формирање специјален суд што треба да им суди на воените злосторници од УЧК, а потоа отвори нови билатерални проблеми со Србија и со Црна Гора. Партијата на Рамуш Харадинај, поранешниот командант на УЧК од чијашто бригада има најмногу потенцијални воени злосторници, предложи резолуција со која се бара поместување на државните граници со овие соседни земји според Уставот од 1974 година. Со резолуцијата, која беше усвоена од косовското собрание, се бараат 12.000 хектари од површината на Црна Гора. Меѓународниот фактор засега е без официјална реакција на таквите територијални претензии на Косово.

4.
Грчката криза, дефинитивно, е најголемиот проблем на Балканот од кој во моментот сериозно стравува Брисел. Германската канцеларка Ангела Меркел загрижувачки порачува дека Европа мора да биде во состојба да најде компромис, но и дека мора да остане на своите принципи. Поедноставено: без компромис – Европа е загубена. Европа никогаш претходно не била толку загрижена за своите принципи за ниту едно прашање поврзано со Грција. Ниту кога станувало збор за грчката блокада за проширувањето на ЕУ, ниту за непочитувањето на меѓународното право во случајот со Македонија, ниту за непочитувањето на основните човекови и малцински права во Грција. Зошто токму сега Брисел се загрижи за европските принципи? Можеби затоа што непринципиелноста на Грција ќе ги чини останатите членки на еврозоната повеќе од 250 милијарди евра. Пари кои Германија, Франција, Шпанија, Италија и останатите гаранти ќе треба да ги платат на кредитодавателите ако Грција излезе од еврозоната. Или, пак, се плашат дека Грција ќе стане пример за останатите земји-должници кои би можеле да го прошират бунтот против строгите мерки за штедење?

5.
Грчкиот премиер во партијата рулет со Брисел, во која како залог ја стави државата, реши да се повлече во последен момент. Што го натера на таков вратоломен чекор? Пораките од Брисел или притисокот од граѓаните исплашени од неизвесноста што им претстои? Непосредно пред информацијата дека Ципрас ги прифаќа сите услови на ЕУ и на ММФ, во јавноста беше пласирана информација дека поддршката на Грците за референдумот паднала од 57% на 46%. Ципрас (како и секој политичар) е свесен дека моќта е во народот и дека не прави ништо без поддршката од граѓаните, па очигледно реши да се повлече пред да биде доцна за него. Ципрас, за разлика од нашата опозиција, знае да ги чита пораките од граѓаните и навреме да реагира пред да направи штета на националните интереси. Во исто време, добро знае што значи поддршката од народот при преговорите со странците. Не случајно еден ден претходно побара од Грците да бидат што поодлучни во гласањето на референдумот против реформите, за Грција да биде посилна во преговорите што ќе следуваат. Сплотеноста на грчкиот народ и единството во ставовите досега ѝ носеше успех на грчката политика и во спорот за името со Македонија, колку и да е неиздржана нивната позиција. За разлика од нив, опозицијата кај нас никогаш искрено не се заложила за единство кај македонскиот народ дури ни кога станува збор за националните интереси.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top