| четврток, 6 декември 2018 |

„Скопје креатива 2015“ од 16 до 20 септември

Под мотото „Скопје – мојот град!“, од 16 до 20 септември на Плаја Виста ќе се одржи Фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2015“.

skopje kreativa

Во четирите фестивалски денови ќе се одржат презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми и дебати. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат на настани поврзани со филмски и видео перформанси и театар, додека во вечерните часови ќе може да уживаат во музика. Дел од програмата се и работилници за развивање на креативноста кај децата.

„Скопје Креатива“ е проект под покровителство на Град Скопје, а во организација на Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје.

– Проектот е особено значаен заради промоцијата на млади македонски креативци надвор од Македонија, што е едно од главните приоритети за нас, организаторите. Ако на тоа се придодаде меѓународниот карактер, можеме да заклучиме дека „Скопје Креатива“ нуди една поинаква приказна, што уште еднаш ќе се докаже со програмата која ќе ја понудиме и оваа година – рече на денешната прес-конференција Вера Бошковска, директор на Конгресниот центар „Александар Македонски“.

Лазе Трипков, програмски директор на „Скопје Креатива 2015“ информира дека годинава ќе ги опфатат сите креативни сектори- продукт дизајнот, индустрискиот и графичкиот дизајн, како и модниот дизајн.

– Застапени ќе бидат и видео и театарската уметност и мултимедиите, а отвораме и единствен Поп-ап стор. Ја носиме суператрактивната изложба на „Скул оф вижуал артс“ која вклучува дела од Милтој Глејзер, Стефан Загмајстер, Мирко Илиќ, Сејмур Хваст, а учество ќе земат и светски познатиот млад дизајнер Бајтлик, чија кариера почна од Скопје постер фестивалот, но и ред други настани кои ќе инспираат, мотивираат и стимулираат – рече Трипков.

Фестивалот ќе биде од отворен карактер. Сите настани ќе бидат бесплатни за заинтересираните кои ќе можат да се регистрираат преку веб страната www.skopjekreativa.mk и на е-маил адресатаinfo@kongresencentaram.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top