Кина денеска вети дека ќе даде свој придонес за спогодбата за климатските промени што се очекува да биде донесена на престојната конференција во Париз. Таа вети дека ќе го намали интензитетот на емисиите на штетни гасови и до 2030 година да го запре нивното зголемување, пренесуваат американските медиуми.
За време на својата посета на француската престолнина кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека најнаселената земја во светот и најголемиот загадувач на воздухот ќе си постави за цел за 60-65 проценти да ги намали своите емисии на единица мерка од својот бруто домашен производ во споредба со нивоата од 2005 година.
Според Ли, Кина ги прави се што е во нејзина сила да се справи со климатските промени.
САД и ЕУ ги соопштија своите планови за кастрења на емисиите на штетните гасови, што значи дека трите водечки светски загадувачи веќе си дале ветувања за париската спогодба. Таа ќе биде првата од овој вид, а со неа ќе се задолжуваат и развиените, но и брзо развивачките земји да преземат активности за запирање на глобалното затоплување.
Откако се сретна со Ли, францускиот претседател Франсоа Оланд ја поздрави Кина за преземената обврска „да изгради еколошка цивилизација“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.