| четврток, 6 декември 2018 |

Нина Симовска: Цртежот и бојата ќе ме мамат засекогаш

29002_10151358628992266_872253552_n

Нина Симовска е дизајнерка на накит, мебел, облека, илустративни цртежи, декорации за домот… Својата креативна енергија ја троши максимално, на секој можен начин. И по секој крај на изложба, ревија, почнува од почеток, неуморно да креира и да создава дела.

Ве видовме во неколку изданија, како дизајнерка во „Месиер 45“, видовме дека сте одлична во вајање накит, сведоци сме на вашите уметнички таленти пресликани во илустрациите, мебелот не го заборавате и умешна сте во уредување на ентериерот… Што од ова најдобро го опишува вашиот карактер и го извлекува најдоброто од вас?
– Навистина е тешко да се одговори на ова прашање. Сите наброени работи се дел од мене, добро совладани и изработени на милион начини. Во сите нив ме има мене и сите се производ на долго експериментирање. Во основа цртежот и бојата ќе ме мамат засекогаш. Едноставно, неисцрпни се и неповторливи.

По диплома сте археолог, но уметноста е таа што ви го исполнува секојдневието. Која беше причината да се одлучите својата страст да ја преточите во секојдневна работа?
– Тоа што сум дипломиран археолог на катедрата за историја на уметност е водечката сила во целото мое секојдневие. Тука се вклучени неколку важни работи, како многу добро познавање на уметноста низ времето, повеќето техники што биле употребувани, начинот на кои биле добивани, основните постулати на конзервација на делата, односно временскиот период на издржливост на едно дело и слично. Сите овие предзнаења, кои навидум не се од круцијална важност кога станува збор за талентот, во основа се формула за добар производ и успешен резултат.

Основач сте на брендот „Џаст бикос“ (Just becouse)… Што е тоа што го прави посебен на пазарот?
– „Џаст бикос“ е бренд што се занимава со концептуалната вредност на одредени уметнички производи. Тој нуди од препознатлив скулптурен накит изработен од алтернативни материјали, пред сѐ патенти, до функционални елементи што се користат во домот и сликарски платна и цртежи за дополнително уживање. Го препорачувам затоа што е добра приказна што остава простор вие да дојдете со луда идеја, а јас да направам сѐ за да дојдеме до реализација. Од една проста причина – мразам кога луѓето ќе ми кажат: „Ова не може да се направи како што си замислила“.

Целото интервју на „Нова Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top