Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска имаше средба со италијанскиот амбасадор Ернесто Белели.
Во соопштението се наведува дека амбасадорот Белели истакнал дека е запознаен со актуелната состојба во Собранието и дека смета дека опозицијата треба да се врати во Собранието и тоа да продолжи со работа во полн капацитет, затоа што сите треба да покажат чувство на одговорност при разрешување на ситуацијата.
Вељаноски, согласувајќи се дека опозицијата треба да се врати што поскоро, ја истакна својата досегашна заложба по однос на ова прашање и нагласи дека ваквата политичка состојба штети најмногу на државата.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Вељаноски, меѓу другото, станало збор за изборот на нов генерален секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ кој ќе се изврши во рамките на отварањето на годишната сесија на Парламентарното собрание на почетокот на јули годинава, каде што ќе учествува и Делегација од Собранието на Република Македонија.
Амбасадорот Белели нагласи дека мултилатералната соработка е особено важна, но дека е потребно интензивирање на парламентарната дипломатија на билатерално ниво, односно зголемување на динамиката на средби и комуникација меѓу парламентите на Италија и Македонија на сите нивоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.