| четврток, 6 декември 2018 |

Вулин: Земјите од Балканот треба заеднички да се справат со проблемот со мигрантите

Земјите од Балканот треба заеднички да ги решаваат проблемите со мигрантската криза. Очекуваме подобра соработка со Македонија за ова прашање, изјави министерот за труд и социјална политика во Владата на Република Србија, Александар Вулин, кој денеска во Штип присуствуваше на откривање спомен-плоча во чест на загинатите српски војници во Брегалничката битка за време на Балканските војни пред 102 години.

a-vulin-640x320

Тој повика на заедничка балканска и поширока конференција  на која ќе се решат одредени проблеми,  но и ќе се ублажи кризата со мигрантите кои влегуваат во Македонија и Србија.

– Очигледно е дека тоа е проблем кој треба сите заеднички да го решаваме. Неможе ниту една земја самата да се избори. Македонија нема потенцијал самата да се избори, нема ниту Србија. Според проценките на ОН неколку милиони луѓе во моментов чекаат на границата со Турција, кој може да се избори со таа маса на луѓе. Тие луѓе не се непријатели со кои вие треба да се борите, тоа се несреќни луѓе кои се обидуваат да најдат парче леб и покрив за себе и за своето семејство, вели Вулин.

Како држава, нагласи тој, ќе ги штитат границите, ќе ги почитуваат сите меѓународни закони, а секој мигрант кој ќе влезе легално ќе ги добие сите права. Посочи дека во извештајот, кој го добил утринава 17 групи составени од 536 мигранти,  Република Србија ги вратила на меѓуграничната зона меѓу Македонија и Србија, а истовремено нагласи дека се примени 200 луѓе кои поминале легално на граничните премини и побарале азил со што ги добиле сите права, храна и се сместени во центрите во Србија за мигранти.

Вулин нагласи дека е потребна и поголема контрола на македонската граница со цел мигрантите да не влегуваат нелегално во Србија.

– Ние соработуваме со Македонија, имаме мешовити патроли, а во одредени делови на македонско-српската граница овие патроли би требало да се засилат. Ние ги разбираме кои се безбедносните и политичките проблеми во Македонија, така да од наша страна вие немате критика, но очекуваме подобро да соработуваме, рече Вулин.

Тој рече дека Република Србија сочувствува со кризата со судбините на мигрантите и дека Србија е една од земјите каде што има голем број мигранти кои бараат начин да заминат во западноевропските земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top