Кои се придобивките од зачленувањето во Конвенцијата и како одеше зачленувањето на македонската царина во таа конвенција?
Радеска Крстевска: Пристапувањето кон Конвенцијата е многу значајно заради придобивките што ги носи, пред сѐ, за економските оператори, но, исто така, и за Царинската управа на Република Македонија. Придобивките се состојат од забрзување и олеснување на економските активности, намалување на трошоците во работењето и со тоа зголемување на конкурентноста на македонската економија. Со пристапувањето кон Конвенцијата за заеднички транзит и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при тргување со стока, Република Македонија ќе стане дел од заедничкиот систем на ЕУ. Тој систем ги опфаќа сите земји-членки на ЕУ, четири членки на ЕФТА и Турција, значи вкупно 33, а Македонија е 34 членка на Конвенцијата. Со сите тие земји од први јули ќе се спроведува единствена транзитна постапка. Тоа значи дека постапката ќе почне со единствена транзитна декларација, единствен документ во која била од земјите-членки, и ќе заврши со раздолжување на истиот тој документ на местото на стоката.
Попатно, низ земјите на транзит нема да се подготвуваат посебни национални транзитни декларации, посебни банкарски гаранции како инструменти за обезбедување, бидејќи стоката ќе ја следи една гаранција која е прифатена во сите тие земји. Дополнителна придобивка за нашите компании е тоа што ќе можат истата електронска транзитна декларација да ја користат како влезна збирна декларација при влез во земјите-членки на ЕУ и со тоа уште повеќе да го забрзаат и олеснат своето царинско постапување. Претходно ќе треба до Царинската управа да го достават бројот ЕОРИ (EORI- Economic Operator Registration and identification scheme system), односно број за регистрација и идентификација на економскиот оператор, кој им е доделен од некоја од царинските администрации на земјите-членки. За тоа упативме повик, а на нашата веб-страница има образец што треба да се пополни и да се достави бројот ЕОРИ.
Во исто време кога ќе се поднесе тој електронски документ во појдовната подружница, тој со размена на електронски пораки веднаш стигнува до сите држави што се на мапата на транспортот, вклучително и конечната дестинација. Така тие имаат информации за стоката уште пред да пристигне. Тоа остава простор да се направи анализа на ризик, да се подготват царинските органи за контрола, а тоа го намалува времето на престој на царинските терминали.
Сето тоа значи помалку време и помалку пари за компаниите и поголема конкурентност.
За Република Македонија е значајно не само заради тоа што сме дел од заедничкиот транзит на ЕУ, многу битен аргумент во претпристапната стратегија, туку и заради тоа што веднаш ја имаме придобивката од олеснето забрзано движење низ коридорите 8 и 10, како и олеснета и забрзана трговска размена и транспорт со најважните економски партнери на Република Македонија.

Како македонската царинска управа доби членство во Конвенцијата?
Радеска Крстевска: За да се стане членка на двете конвенции, мора да се добие покана од Советот на Европската комисија. Таа покана Република Македонија ја доби на 18 мај годинава како резултат на долгогодишната посветена и напорна работа на царинските службеници, при што исполнивме голем број услови и неопходни претпоставки за да се биде дел од Конвенцијата. Во прв ред беше извршено усогласување на националното царинско законодавство, на законските и подзаконските акти, но и на внатрешните процедури со она што значи законодавство на ЕУ за транзитот и за електронската транзитна декларација. Понатаму, извршивме организациски промени во Царинската управа формирајќи и зајакнувајќи одредени организациски единици кои се носители на тој транзит. Многу е битно што во ноември-декември минатата година се воспостави електронска комуникациска мрежна поврзаност со Брисел преку која се разменуваат електронски пораки и која во иднина ќе биде користена од Управата за јавни приходи и од другите институции во Република Македонија.
Имаше ли поддршка од европските партнери?
Радеска Крстевска: Најбитниот услов беше да имаме развиен компјутерски систем. Тој компјутеризиран транзитен систем го развивме со три милиони евра од ИПА во 2008 година, со финансии од ЕУ, додека половина милион евра добивме од Владата на РМ. Системот го развивавме неколку години, мораше да се спроведе, го ставивме во функција на национално ниво во април минатата година и оттогаш досега националниот транзит во земјата се остварува исклучиво преку тој систем, значи електронски транзит имаме од април 2014 година.
Претходно се одвиваше во хартиена форма, што значи дополнителни трошоци во време и пари. Овој систем мораше да биде тестиран повеќе пати. Да помине успешно од 200 до 300 различни тестови. Сега се тестира размената на пораки со други земји-членки во ЕУ. Во моментов се тестира размената на податоци со царинската управа на Словенија. Откако го развивме системот, почнаа тестирањата. Лани во јули имавме мисија за предоценување, а мисијата за оценување беше годинава во јануари. Претставници на земјите-членки дојдоа и дадоа мошне позитивна оценка за нашата подготвеност да бидеме членка на Конвенцијата, а како резултат на тоа ја добивме поканата.

Што значи тоа за тргувањето меѓу две држави на ЕУ, на пример Германија и Грција, а транзитот се одвива низ коридорите што минуваат низ Македонија. Што е придобивката, што е олеснувањето за нив?
Радеска Крстевска: Секоја стока што транзитира низ Република Македонија, на домашна или странска компанија, мора да поднесе национална транзитна декларација во моментот кога ќе дојде на нашата гранична влезна подружница. Таа од први април е електронска, но мора да биде поднесена, следена со издадена соодветна гаранција и да се раздолжи на излезот од државата. На пример, ако од Бургас, Бугарија, патува стока до Виена, Австрија, на граничниот премин „Деве Баир“ мора да отвори национална транзитна декларација и соодветен инструмент за обезбедување на настанувањето евентуален царински долг, а кога ќе излегува на „Табановце“, ја раздолжува. Истата постапка се повторува во Србија. Олеснување е што од први јули електронска декларација се поднесува во Бургас, а таа веднаш стигнува во Македонија, значи не се поднесува потоа на „Деве Баир“ и нема раздолжување на „Табановце“. Во Србија сѐ уште има национална транзитна декларација, но придобивка е што се очекува кон крајот на годинава и српската царинска управа да влезе во Конвенцијата за заеднички транзит, што ќе значи забележително олеснување и забрзување на транзитот низ Коридор 10.
Колку нашата царинска управа имаше време, способност и административни капацитети да се приспособи бргу?
Радеска Крстевска: На оваа работа долго време се вложуваат напори и се развиваа капацитети. Уште од 2007 година имавме статус на кандидат за членство во Конвенцијата. За целиот тој период се правеа промени, ги засиливме оперативните капацитети и се обучуваа царинските службеници. Паралелно се обучуваа и економските оператори околу функционирањето на новиот компјутерски транзитен систем на ниво на заеднички транзит. Најбитно е да се каже дека од први јули нашите царински службеници ќе работат по исти стандарди и принципи, на иста правна основа како и царинските служби на најсовремените европски држави.
Интервјуто може да го погледнете на РепубликаТВ.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Наташа Радеска-Крстевска, директорка на Царинска управа на Република Македонија, е објавено во 147. број на неделникот Република, 26.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


