Некои го знаат лично, некои го следат на фејсбук и на Твитер, некои ги читаат неговите блогови, а некој пак го постираат неговиот статус, без притоа да знаат дека копираат нечија лична мисла. Тоа е Влатко Васиљ, човекот со оригинални статуси, добра смисла за хумор, честопати без влакна на јазик… Го пишува она што го мисли, а го инспирира секојдневието. Многумина од вас ставиле статус дека треба да се направи споменик на 50 дени, монетата која замина во историјата со доаѓањето на 2013 година. Но малкумина знаеа дека тоа потекна од добриот статус на Васиљ. И не само тој статус- илјадници досетливи реченици. Иако се обидов да го испровоцирам во 140 карактери да каже што мисли за себе и за нас како медиум, обидот ми остана без успешен. Неговиот коментар е – неблагодарно е да зборувам за себе или за вас. Од она што можев да го „украдам“ од неговиот фејсбук профил, за себе вели: Заебан тип што никад нема да ве заебе. Прљав на јазик, али чист у душа.
Највлијателен на социјалните мрежи. Многумина се борат за ова, но, се чини, на погрешен начин.
Васиљ: Поимот влијателност е подложен на многу зафрканции од страна на заедницата на „Твитер“. Иако тој како збор има голема тежина, јас како „највлијателен“ од таа заедница сѐ уште не можам да ја најдам сериозноста во значењето на зборот „влијателност“. И да бидам искрен, јас не сум влијателен, мене ме следат само луѓе што имаат потреба да слушнат и да прочитаат дека има и некој друг што мисли, чувствува и зборува исто како нив. А за вистинската влијателност прашајте ги Груевски и Црвенковски. Тие ќе знаат најдобро да ви објаснат.
Зошто ги избра „Твитер“ и „Фејсбук“ за искажување на своите статуси на оригинален начин? Какво е твоето генерално мислење за социјалните мрежи и за таа фејсбукманија што трае веќе подолго време?
Васиљ:За „Твитер“ и за „Фејсбук“ не можам да зборувам од стручност и од некоја си научна теорија, туку само од лична практика и начин на кој јас ги користам, но можам да тврдам дека „Твитер“ и „Фејсбук“ се медиуми на новото време. Па колку побрзо ги прифатиме, толку полесно ќе ни биде да се вклопиме во секојдневието. Веќе сѐ е таму. Од дневни настани, пријатели од порано, нови пријатели, познајници и луѓе што не ги познаваме ама делиме исти интереси. Таму секој се „покажува“ и „докажува“ според тоа што го избира, како коментира и што споделува. Всушност, секоја социјализација во модерното време (ерата на социјалните мрежи) се одвива на глобалната мрежа наречена интернет. И не само тоа, речиси и не постои социјално-политички ангажман, чијашто иницијација и регрутација (на членовите, корисниците на мрежите) не е зачната на социјалните мрежи за да продолжи и да се реализира во практичниот, општествен живот (Протестирам, елкамк и сл.). Секако, не ги исклучувам и луѓето што го користат „Фејсбук“ за наоѓање партнер, извршување партиски наредби и играње игри. Без разлика на статусот во општеството, на „Фејсбук“ секој може да направи муабет со тебе ако дели исто мислење или различен став. Лично кај мене, коментирале голем број јавни фаци, угледни професори, политичари, кои ако не постојат социјалните мрежи не би ни биле во близна и секогаш на дофат. Нели дури и Обама своите кампањи го водеше преку овие медиуми. А ако сте за бизнис, тогаш овие медиуми се многу практично место од кое можете да го разберете обичниот корисник и неговите секојдневни опкружувања, моменти, интереси, потреби и грижи.
Порано сум читала твои блогови, особено ми остави впечаток тој за рекламата на еден мобилен оператор. Но, се чини блогот не предизвикува толку внимание и не се шири толку брзо.
Васиљ:Кога сме кај блоговите, за мене тие се тоа вонвременско место, на кое секој се чувствува свој преку пораките што ги пишува. Порано беше многу актуелно, блогерите беа една нова револуција на слободната мисла, а со појавувањето на „Фејсбук“ малку паднаа. Но, не се предаваат блогерите, пример за тоа е агрегаторот на блогови blogirame.mk, кој е во тесна поврзаност со овие нови медиуми и полека, но сигурно го враќа блогерскиот свет, кој за мене и тоа како е потребен за нашето општество.
Тоа што го пишуваш во илјадници знаци, сега го пишуваш на 140 на „Твитер“. Дали е лесно да се среди мисла во ограничен број знаци?
Васиљ: Еднаш нагласив, сега ќе се повторам. Тоа што не можеш да го кажеш со 140 букви, не можеш ни во 5.000. Кратките реченици, „твитови“ и статуси носат големи приказни, подложени се на коментари и на различни толкувања. Тие многу често се развиваат во дебати, за жал почесто во расправии, но, сепак, во границите на умереноста.
Тоа го докажа и покажа со пораката што ѝ ја испрати на „Фејсбук“на својата сопруга Марија. (Еднаш земав и почнав да и пишувам писмо на Марија. Милион зборови, многу чувства. Пишував три дена, седум страници, полни! На крај, кога сето тоа го прочитав, сфатив дека сѐ можело да се сведе само на два збора. Доволно јасни и силни. Искрени! Те сакам!)
Васиљ: По принцип, многу сакам да зборувам. А, тоа постојано го правам во себе, не можам да го сопрам текот на мисли во умот. Тие поминуваат, јас селектирам, па често и ги ставам на хартија, а многу почесто во само неколку зборови. Марија најдобро знае дека кога сум краток во зборовите, најмногу сум кажал.
Кој е статусот што предизвикал најмногу реакции – најмногу лајкови и коментари.
Васиљ: Мојата критика кон порталите за силувањето на девојката кај „Александар палас“. Еве го статусот: Што е со насловиве по порталиве „Силувана е медицинска сестра“ !?
– На што алудирате?! Девојка е силувана, што е важно што е по професија! Штетата е направена, макар таа била и бездомничка или чистачка, еднакво е потресно и жално! Ама вие читаноста ќе ја зголемите поради актуелните настани во здравството, нели?! А подолу во текстот (кој го испопрепишале сите меѓу себе) следува…
„Додека одела на работа ѝ пришло сѐ уште непознато машко лице на возраст од околу 25 години, кое зборувало на нечист македонски јазик“.
– Што сакате да кажете? Кога таргетирате со ова? Која основа ја барате во ова? Абе тој е силувач, и не е е**** важно дали е од Мадагаскар или дали зборува седум е**** јазици. Не е важно! Направил демонски чин и по тоа треба да му се суди, а не по тоа дали ја знае македонската азбука или носел е**** синџирче со крст на него!
Ама вас ништо не ви е важно, си знаете како работи цело ова, не сте наивни, лапајте кликови и китете се со вашата е**** ексклузивност! Абе црн екран за сите вас! The page cannot be found да ви стои!
Ги критикуваш новинарите, уредниците, нивниот начин на постирање на информациите. Што мислиш за македонското новинарство?
Васиљ: За жал, медиумите се тие што треба да проповедаат култура и начини на изразување, а кај нас тие се сведени на ниво од улични жаргони, изрази и вулгарности. Но, сепак, ако ние се бориме да ги смениме таквите од медиумскот простор, како што се Миленко или Латас, за на нивно место да дојде некој како Саше Политико (Аналитико), тогаш за џабе се бориме. Не вреди! Ни треба кадар, а искрено го има, само треба да дојде до израз.
А, културата на пратениците?
Васиљ: Никаква, расправии без аргументи, основани на лични навреди и на ситни партиски поени. За мене умереноста е една од најважните нешта во животот, а тие што најмногу треба да ја презентираат, ја убиваат.
Која е твојата најголема инспирација?
Васиљ: Инспирацијата мене не ми е тешка, само треба малку посериозно да се погледне на работите што нѐ опкружуваат за да можеме да ја извадиме оригиналноста од нив. Но, Македонија последниве години, барајќи ја својата оригиналност, почна да тоне во неоригиналност, па така тоа на еден начин ми го зголемува нагонот за сарказам, кој, за среќа, сѐ уште е легален во државата.
Кој лик секојдневно те инспирира?
Васиљ: Коце Трајановски. Беспарицата. ЈСП.
Со што, зошто?
Васиљ: Тој што работи и греши, а Коце многу работи, а и многу греши. А јас ловам грешки. Беспарицата ја чувствувам на своја кожа, па си велам, подобро од неа да правам смеа отколку плачка. ЈСП за мене е берберница.
Берберница?
Васиљ: Многу случки, многу настани, многу приказни од многу обични луѓе. А и многу метеж.
Што мислиш за „Скопје 2014“. Тоа е твоја честа инспирација.
Васиљ: Скопје е мој град и никој не го побара моето мислење како граѓанин на тој град за овој проект. Тоа најмногу ме боли. Проектот беше наумен и, секако, ќе поминеше, но ако имаше наш мал придонес како граѓани од претходно овозможена јавна дебата за него ќе беше уште подобар. Всушност, проектот „Скопје 2014“ да беше „Македонија 2014“ ќе беше за отпоздрав од секого. Ова го зборувам зашто додека го правиме интервјуто јас сум во Радовиш, а Радовиш е град што изгледа како да е заборавен во 2003 година. Во центарот на градот, над аптеката стои светлечки знак „2003“, кој, за среќа или за несреќа, не свети. Верувам дека другите градови заслужуваат многу повеќе отколку само пензионери и невработени лица.
Се налутил ли досега некој од именуваните во твои статуси? Реагирал ли со порака, повик и слично?
Васиљ: Засега никој лично не ми проговорил. Тие што најчесто влегуваат во расправија со мене се луѓе што не ја разбрале вистинската поента на статусот или тие што се со прилично слаба и необично лоша смисла за хумор.
И тогаш доаѓа до чистење од листата на пријатели или ги оставаш сите да си го кажат своето мислење?
Васиљ: До сега никого немам избришано од листата на пријатели зашто мојата толеранција е голема и смислата за хумор широка, ама затоа коментарите што ќе преминат во лични навредии и клетви почнав да ги отстранувам. Јас се залагам за слобода на говор, но за таа од таков тип немам намера да се борам. На крајот од денот, секој мора да биде одговорен за своите лични постапки и дела.
Се случило ли некогаш да имаш огромна желба да пишеш нешто, ама да немаш храброст да се чепкаш на таа тема?
Васиљ: Никогаш. Секогаш го пишувам тоа што го мислам и стојам зад тоа. Јас го кажувам своето мислење гласно, независно и слободно, токму како што го чувствувам, комплетно отворено и чесно. Мојот личен став можам да го сменам, но само ако другите аргуметни се поуверливи.
Колку време поминуваш на социјалните мрежи? Како го трпи тоа твојата сопруга? Верувам постојано си со телефонот в раце, вклучен на „Фејсбук“.
Васиљ: Јас секогаш сум на интернет. И кога не седам на компјутер сум вуклучен на „Фејсбук“. А и преку телефонот секогаш сум таму. А, Марија нема проблеми со тоа зашто знае дека вистинскиот маж има време за сѐ.
Разговараше: Билјана Зафирова
Статуси на ФБ:
Не е важно која година сме, Македонија е вечна.
„Вечер можам да заглавам, од утре сум на распуст“ – Елвис Бајрам
Ѓорѓе Иванов да го даеш у размена на студенти, никој у државата нема да примети.
50 дени заминуваат во историјата. СПОМЕНИК?!
Ако се бориме и трудиме да ги симнеме Латас и Миленко од медиумскиот простор за на нивно место да дојде некој како Саше Политико, тогаш џабе се бориме! Заеби…
„Ајде нека поминат што побрзо ова празнициве,
па да почнеме со работа, на раат да си се одмориме“ – јавна администрација
Се нема трпение, се нема разбирање. Револт по пазари, автобуси, улици. Ретко кој е насмеан, скоро никој добронамерен. Сите се шушкаат, си коваат завери. Скришно се вперуваат прсти, јавно пиштоли. Народот ни мириса на омраза. На гнев. Владее беспарица, владее и лага. На влакно сме до пресметка, на чекор од бездна. Што ли ни се деси бре луѓе, НАВИСТИНА што!?
Не озбилно, стварно си направила екибана фризура, за да идеш да славиш нова година у студио и Жаре Бербер да ти пее и да играш како да нема утре и да одбројуваш за на крај да се радуваш дека е нова година у сред ноември месец. Озбилно?!
Јаките фраери не слават Нова година у понеделник.
Слават коа сакаат!
SREKjNA NOVA 2013 GODINA.
(via Melita Rakicevic Prv Profil via Melita Rakicevic Tret Profil via Melita Rakicevic Vtor Profil via Melita Rakicevic Poln Profil via Melita Rakicevic Nov Profil)
Вечер со комшиите, ајде среќна, пари, ово оно…
А после 2-3 месеци слушаш… види го бееее, од кај овој толку пари маме му ебам!
Си викаш само нека не страда недолжен народ….и оп застануваш, подразмислуваш и сфаќаш дека усвари ти си должен две сметки за струја.
Тапа сум граматика, па да си прашам. Машки род од курва, курир е?!
Денес снежи. Среќен именден на сите Снежани!
Јети. Се неам возено. Сѐ уште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.