| четврток, 6 декември 2018 |

Нема евтини муабети со Црна Гора, отфрлен договорот за роаминг

Управниот суд на Црна Гора ја прифати тужбата на црногорскиот „Телеком“ и „Теленор“, со која беше побарано укинување на спогодбата за намалување на цените на роамингот во мобилната телефонија.

Станува збор за спогодбата, која требаше од 30 јуни на граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија да им овозможи поевтино телефонирање во роамингот.

Според одлуката на Управниот суд, таквата спогодба за Црна Гора е неприфатлива од две причини. Како прво бидејќи директивата за намалување на роамингот е задолжителна само за земјите на ЕУ, а второ што таа спогодба не е ратификувана во Парламентот.

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Зоран Секулиќ, изјави дека проблемот сега е во тоа што во земјите-потписнички на спогодбата во сила се одлуките на нивните регулаторни тела за намалување на цените на роамингот.

– Граѓаните на Црна Гора ќе ги имаат тие поволности кога ќе отпатуваат во тие земји, но не и оние кои ќе доаѓаат во Црна Гора. Тоа е во спротивност со принципот на пропорционалност – рече Секулиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top