| четврток, 6 декември 2018 |

Авторска вечер со Роберт Перишиќ во Паркот на франкофонијата

Во Мобилна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје, во четврток, 25 јуни, во 20 часот ќе се одржи авторска вечер со Роберт Перишиќ на која домаќини ќе бидат Румена Бужаровска и Роберт Алаѓозовски.

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа „Готен“, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Град Скопје во март во Скопје престојуваше Роберт Перишиќ.

Роберт Перишиќ, кој е роден во 1969 година во Сплит, е еден од најнаградуваните и најпреведуваните хрватски автори од средната генерација. Автор е на седум книги, од кои првите две збирки раскази веќе во почетокот на 2000 година му обезбедија читателска публика и преводи на словенечки, српски, чешки и унгарски.

Негова досега најуспешна книга е „Нашиот човек на теренот“ (2007), која се здоби со две книжевни признанија и беше преведена на многу јазици, меѓу кои и на македонски, во 2010, година, во издание на „Македонска реч“. Книгата ја доби наградата Роман на годината на „Јутарњи лист“ и наградата на Шпаркасе банката во Грац, Австрија.

Освен проза, Роберт Перишиќ пишува и драми, Културата во предградието за театарот „Гавела“, и сценарио за филмот 100 минути слава во режија на популарниот Далибор Матаниќ. Инаку, јавноста го знае Роберт Перишиќ како долгогодишен книжевен критичар.

Меѓу другото Перишиќ е основач и програмски директор и на хрватскиот меѓународен книжевен фестивал, Лит Линк и иницијатор на кампањата „Право на професија“, покрената за подобрување на статусот на писателите во Хрватска.

Најновата книга на Перишиќ „Подрачје без сигнал“ беше објавена во март 2015 година и веќе добива солидни оценки. На повеќе од четиристотини страници, Перишиќ дава една широка фреска за воените и транзициските судбини на мноштво ликови од едно мало босанско гратче Н. Напишана во духот на Андриќевите хроники, со дискретна иронија, Перишиќ ја разоткрива трагедијата на малите јунаци, до кои и сега, во малите провинциски гратчиња достигаат криминалните посредници на големите белосветски играчи.

Перишиќ во Скопје работеше на новиот роман – краток роман од 120 страници, со фокус на јунакот кој се наоѓа во „празно поле“ откако му се распаднал дотогашниот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top