| четврток, 6 декември 2018 |

„Матичен википедијанец” ќе ја запознава јавноста со архивското богатство

„Матичен википедијанец“ ќе има за цел да отсликува (скенира) материјали од Државниот архив на Република Македонија, кои се од општествен интерес и значење и кои се од слободен достапен карактер.

Со цел да се афирмира историјата на Македонија и македонскиот народ и да се запознае јавноста со архивското богатство што се чува во депоата на архивите во Македонија, Државниот архив на Република Македонија на 15 јуни потпиша Меморандум за соработка со Здружението за умножување на слободни содржини „Споделено знаење“ Скопје.

– Во согласност со Меморандумот, потписниците се обврзаа дека во рамките на својата примарна дејност ќе соработуваат во интерес на создавање, прибирање и умножување на слободни содржини во дигитална, печатена и други форми и тоа преку споделување на пристап до книжниот фонд и литературата во Државниот архив на Република Македонија, се наведува во соопштението.

Ова ќе биде постигнато со помош на лице, член на „Споделено знаење“, кое ќе биде ангажирано од страна на здружението како „Матичен википедијанец“ (Wikipedian in Residence) и ќе има за цел да отсликува (скенира) материјали од Државниот архив на Република Македонија, кои се од општествен интерес и значење и кои се од слободен достапен карактер, односно не подлежат на авторскоправни ограничувања и би се ставиле на располагање на јавноста за општо добро, преку нивно ставање на Ризницата на Викимедија (Wikimedia Commons).

Оваа иницијатива е по урнекот на постоечките аранжмани од тој вид во повеќе установи (библиотеки, архиви, институти) во светот. Такви примери се: Британскиот музеј и Британската библиотека во Лондон, Националниот архив на САД, Кралскиот музеј на Данска и Кралската библиотека на Данска во Копенхаген, Националната Библиотека на Израел во Тел Авив, Музејот Пикасо во Барселона, Универзитетската библиотека во Белград и 87 други установи низ светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top