| четврток, 6 декември 2018 |

Нови антивладини протести во Ерменија поради поскапување на струјата

ерменија

Повеќе илјади луѓе учествуваа во новите антивладини протести во Ереван, главниот град на Ерменија, против зголемувњето на цената на електричната енергија.

Во овој втор протест во главниот ерменски град, демонстрантите одново се обидоа да се приближат кон претседателската резиденција, но беа спречени од бројните безбедносни сили. Во пресметката со околу десет илјади демонстранти, полицијата употреби водени топови, а нездоволните граѓани, почнаа да се собираат на главниот плоштад во Ереван.

По првите протести, полицијата уапси околу 200 лица. Некои од нив се обвинети дека фрлале камења и тули кон полицајците, додека демонстрантите ги обвинуваат властите за прекумерна употреба на сила и за полициско насилство.

Демонстрантите бараат од владата да го спречи поскапувањето на струјата.Тие извикуваат пароли против, како што велат, „грабежот со цената на струјата“ но сега бараат и ослободување на сите уапсени.

Според полициски извори, во досегашните протести има седумина повредени демонстранти и 11 полицајци.

Цената на струката во Ерменија, од 1 август ќе поскапи меѓу 17 и 22 отсто.

Електростопанството и дистрибуцијата во земјата се во рацете на една руска компанија, која поскапувањето го оправдува со „постојаното намалување на вредноста„ на ерменската национална валута.

Официјална Москва соопшти дека „вимателно и одблизу„ ги следи случувањата во Ерменија, додека амбасадата на САД во Ереван изрази „загриженост„ и побара истрага за обвинувањата за полициско насилство во текот на двете досега одржани демонстрации.

Ерменија е поранешна советска република која и по распадот на некогашниот Советски Сојуз одржува мошне тесни врски со Москва и Русија. На ерменска територија постои руска воена база.

Земјата е силно економски поврзана со Русија поради затвореноста на нејзните граници со Турција, околу историскиот спор за „геноцидот„ врз Ерменците од пред 100 години и со Азербејџан, поради недоразбирањата околу регионот Нагорно Карабах.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top