Препораките од извештајот на Европската комисија, изработени од група експерти под водство Рејнхард Прибе, темелно ќе бидат проучени и се очекува истите да бидат искористени во реформите потребни за европските интеграции.
– Со внимание се осврнавме на извештајот. Препораките на комисијата ќе бидат темелно проучени и секако искористени во рамките на реформите кои континуирано ги спроведуваме за примена на европските стандарди и приближувања кон Европскатa унија. Ќе го искористиме овој период за унапредување во сите области кои се дел од преговорите за членство во ЕУ. Извештаите и дискусиите на Советот на ЕУ се можност за поинтензивен дијалог. Тоа е и дополнителна мобилизација за администрацијата која работи на реформите. Ќе се потрудиме да ги запознаеме најдобро можно Европската Комисија и нејзините експерти околу состојбите, предизвиците и напредокот кои ги очекуваме во следниот период до есенскиот извештај за напредок. Целта останува внатрешни унапредувања на стандардите и конечно формален почеток на преговорите за членство на Република Македонија со Европската Унија, кои веќе неформално ги водиме – изјави за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Се очекува извештајот на комисијата да биде дел од темите на кои Владата ќе се осврне на денешната редовна седница.
– На секоја владина седница има точка во врска со европските интеграции, во која се дискутира за состојбите во врска со европските интеграции и за реформите кои се преземаат од институциите, како и за плановите за понатамошни реформи. Се чини веројатно дека во рамките на таа точка и на денешната седница би се осврнале и на извештајот на комисијата и на останати теми кои се од значење за европските интеграции- вели Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.