| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Вулин предлага итна регионална конференција за емигранти

Србија не може сама да го реши проблемот со емигрантите и има потреба од пари, храна, лекови и техничка опрема, изјави денеска српскиот министер за труд и социјални прашања, Александар Вулин, повикувајќи го премиерот Александар Вучиќ итно да свика регионална конференција за емигранти, јави Танјуг.

Вулин тоа го изјави по првата средба на работната група за решавање на проблемите на емигрантските бранови во Србија, на која присутствуваа и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, министерката за европска интеграција Јадранка Јоксимовиќ и претставници на министерствата за одбрана и за здравство.

Според Вулин, Србија не може да ја запре емиграцијата и преку земјата дневно минуваат меѓу 300 и 400 имигранти.

– Ние ги чуваме нашите граници на север и на југ и би било добро и другите држави да го прават тоа – изјави Вулин додавајќи дека од почетокот на годината 22.182 лица поднеле барање за азил во Србија.

Според Вулин, засега во српските центри за бегалци има доволно места и ниту еден од барателите на азил не е без храна, здравствена заштита и помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top