| четврток, 6 декември 2018 |

450 жртви на топлотниот бран во Пакистан

pakistan toploОд високите температури што го зафатија Карачи, најголемиот град на Пакистан, и другите области во јужната провинција Санд, веќе починаа повеќе од 450 лица, денеска соопштија официјални пакистански претставници.

Според здравствените служби, најмногу луѓе умреле во Карачи, град од 20 милиони жители, каде што претходните денови температурата достигнуваше и до 45 Целзиусови степени, пренесоа британските медиуми.

Во јуни 1979 година во овој град беа регистрирани 47 Целзиусови степени, што е највисоката измерена температура во Карачи. Тогаш во градот починаа повеќе од 200 лица, повеќето како последица на топлотен удар и од дехидратација.

Метеоролозите и натаму предвидуваат топло време, а дури кон крајот на неделата се очекува мало разладување.

Покрај врелината граѓаните на Карачи имаат проблеми и со честите исклучувања на струјата заради што во повеќе населби се одржани протести.

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф ги предупреди електричните компании дека нема да го толерира исклучувањето на струјата во текот на Рамазан – месецот на пост.

Универзитетот во Карачи поради високата температура за еден месец ги одложи сите испити на факултетите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top