| четврток, 6 декември 2018 |

Могерини: Советот на ЕУ утре ќе ги усвои заклучоците за Македонија, но бараме спроведување на договорот од 2 јуни

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, по еден ипол час дискусија за политичката криза во Република Македонија, одлучија за утре да го остават официјалното усвојување на заклучоците за нашата земја, јави дописникот на МИА од Луксембург.

Според високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, имале широка дискусија за случувањата во Македонија и дека утре ќе ги усвојат заклучоците што на Самитот на Еворпскиот совет во четврток и петок ќе бидат усвоени од страна на шефовите на државите и Владите на земјите-членки на ЕУ.

– Само што ја завршивме дискусијата за политичката криза во БЈР Македонија. Советот и министрите за надворешни работи ги одобрија заклучоците на Советот кои утре ќе се усвојат на Советот за општи работи (ГАК), при што ги охрабривме сите страни во Скопје да го имплементираат политичкиот договор што е постигнат на 2 јуни. Посебно да се работи на имплементација на реформите, предвремените избори и транзицицијата за да се врати верата и довербата во институциите од сите луѓе во земјата, истакна Могерини.

Тоа значи дека и покрај се, Македонија останува тема на ГАК, а не на Советот за надворешни работи (ГАК), па за Самитот на Европскиот совет закажан за во четврток, шефовите на дипломатијата, за нашата земја и останатите од процесот на проширување ќе одлучуваат во текот на утрешниот ден во Луксембург.

Како клучни теми на денешниот Совет на ЕУ, Могерини ги посочи усвојувањето на важниот сет на заклучоци за покренување на НАВАЛ-операција против криумчарите на луѓе преку Средоземното море, продолжувањето на санкциите кон Русија поради ситуацијата во Источна Украина и партнерството на ЕУ со Обединетите нации, за што се дискутираше заедно со генералнито секретар на ООН, Бан Ки-Мун.

Во текот на утрешниот ден, Советот за општи работи на Унијата се очекува за Македонија да усвои заклучоци според кои во април годинава, Советот веќе изрази “сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите”.

Се очекува да се повикаат сите страни да преземат одговорност и да преземат итни мерки насочени кон обезбедување на одржливо решение и конструктивно да се вклучат да го рестартираат политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите.

– Политички договор во Македонија беше постигнат за голем број прашања, вклучително и на посветеноста кон реформите на 2 јуни. Разговорите продолжија во Брисел на 10 јуни, но се уште не е постигнат конечен договор. ЕУ продолжува да ги повикува сите страни, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, врз основа на договорот од 2 јуни. Комисијата останува подготвена да ги олесни дискусиите – се очекува утре да гласи еден од заклучоците на Советот на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top