| четврток, 6 декември 2018 |

Завршната сметка на буџетот за 2014 година на разгледување пред пратениците

собрание

Пратениците во рамки на денешната 54-та седница ја разгледуваат Предлог – завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2014 година.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ја образложи завршната сметка и истакна дека Република Македонија во 2014 оствари добар економски резултат со пораст на економската активност на БДП од 3,8 проценти што, како што рече претставува второ најдобро остварување во земјите од ЕУ.  Додаде дека само Ирска имаше повисок раст од Македонија.

– Вкупното ниво на инвестиции во 2014 година забележа раст од 13,5 проценти. Тоа даде поддршка за растот на градежништвото, преку реализација на бројни инфраструктурни проекти, преку инвестиции во патишта, пруги, водоводи, канализации, спортски и други објекти – рече Ставрески.

Вториот генератор на економскиот раст, како што потенцира Ставрески, беше извозот кој оствари 17-процентен раст. – Добрата бизнис клима и одржувањето на добрите услови за бизнис овозможи реализација на голем број странски инвестиции, но и добри извозни резултати на традиционалните домашни сектори. Тоа овозможи Македонија да ја заврши 2014 година со планираниот раст на економија и тоа да се одрази позитивно врз стапката на невработеност, која во 2014 се сведе на 27,6 отсто или еден процентен поен помалку од 2013 – рече Ставрески.

Вицепремиерот и министер Ставрески посочи дека новите работни места беа генерирани преку работењето на нови странски компании и преку реализацијата на активни политики или проекти кои се реализираат преку Агенцијата за вработување.

– Ја завршивме 2014 со просечна стапка на инфлација која е негативна, – 0,3 отсто. Дефицитот на тековната сметка во 2014 достигна 1,3 отсто од БДП и е резултат на намалениот трговски дефицит и зголемениот прилив на трансфери од странство. Странските директни инвестиции достигнаа 262 милиони евра, што е за 4 отсто повисоко од 2013. Како процент од БДП, странските инвестиции во 2014 достигнаа 3,1 проценти – рече Ставрески.

Тој нагласи дека минатата година редовно се исплаќаа субвенциите во земјоделството, а продолжи реализацијата на најважните проекти, како проектот за изградба на Коридор 10, делницата од Демир Капија до Смоквица, реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, вложување во енергетска област и комунална инфраструктура, за уредување на ТИРЗ, за инвестиции во здравство, образование, спорт, детска заштита, земјоделство, правда…

– Завршната сметка е одраз на она што сме го планирале и затоа вреди да го поддржиме – се согласија пратениците Крсто Мукоски, Лилјана Кузмановска и Владанка Авировиќ.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ рече дека нема да ја поддржи завршната сметка на буџетот за минатата година бидејќи, како што рече, осознав за што се трошеле граѓанските пари, несоодветно и надвор од приоритетите.

Според неа, во буџетот и во завршната сметка има добри елементи и не може да се негира се. Како добри таа ги наведе капиталните инфраструктурните проекти и укажа дека на буџетот најмногу му недостига приоритетна листа за државата.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ потсети дека Поповска гласала за буџетот и оти нејзината најавата дека нема да гласа за завршната сметка го разбира во духот на политика, а не во парламентаризмот.

Претпладнево пратениците донесоа 11 закони од различни области. Седницата ќе продолжи попладне по редовната пауза на пратениците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top