| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓународна копаничарска колонија во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“

Во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка е отворена 25. Меѓународна копаничарска колонија, во организација на Здружението на копаничари на Македонија.

На годинашната колонија учествуваат 14 копаничари од Македонија, Србија и од Бугарија.

– Оваа година одбележуваме 25 години од постоењето на колонијата, а овој јубилеј ќе биде во знакот на „подмладување“ на колонијата со тоа што од вкупно 14 учесници, четворица се младинци – информира Борис Попев, организатор на колонијата.

Попев потенцира дека изминатите неколку години младите копаничари сѐ повеќе пројавуваат интерес за учество и, како што рече, усовршување на резбарските вештини на летната копаничарска школа.

– Радува фактот што сѐ повеќе млади изразуваат желба да навлезат во тајните на копаничарството. Од четворицата младинци, учесници на колонијата, годинава имаме двајца од Крива Паланка, еден младинец од домот за глувонеми од Скопје, жител на Крива Паланка и едно девојче. Бидејќи колонијата е меѓународна, имаме по двајца учесници од Република Србија и од Република Бугарија – додаде Попев.

Меѓународната копаничарска колонија ќе трае до 27 јуни, а копаничарите ќе творат традиционална македонска резба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top