| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија – главна точка на состанокот на Советот на ЕУ в понеделник

совет

Ситуацијата во Република Македонија и сѐ што се случува во земјата ќе биде главна тема на дискусија на Советот за надворешни работи (ФАК) на Европската унија, што в понеделник ќе се одржи во Луксембург, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според програмата што денеска ја објави летонското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, како централна точка на понеделничкиот состанок ја имаат политичката ситуација во Република Македонија.
Според агендата, шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, за нашата земја ќе разговараат со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, после пладневниот состанок со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и работниот ручек со него. Заклучоците што ќе ги донесе Советот на ЕУ, идниот четврток и петок ќе бидат усвоени од страна на шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите на Самитот на Европскиот совет.
– Во април годинава, Советот изрази ’сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите’. Тој ги повика сите страни да преземат одговорност и да преземат итни мерки насочени кон обезбедување на одржливо решение и конструктивно да се вклучат да го рестартираат политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите – се наведува во најавата за дебатата за Македонија што ќе ја имаат министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во понеделник.
Исто така, во најавата за дискусијата за македонската држава, се посочува дека Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување го посети Скопје на 2 јуни и се состана со водачите на главните политички партии во насока на изнаоѓање решение за тековната политичка криза во земјата.
– Договор беше постигнат за голем број прашања, вклучително и за посветеноста кон реформите. Разговорите продолжија во Брисел на 10-ти јуни, но се уште не е постигнат конечен договор. ЕУ продолжува да ги повикува сите страни, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, врз основа на договорот од 2-ри јуни. Комисијата останува подготвена да ги олесни дискусиите – посочуваат од Советот на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top