| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: САД да помогнат во зголемување на довербата и соработката на безбедносните служби во регионот

 иванов2

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој учествува на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“ во Братислава, денеска на средба со генералот Џон Ален, специјален претставник на американскиот претседател Барак Обама, во коалицијата за борба против ИСИС побара засилен ангажман од САД во насока на зголемување на безбедноста и соработката во нашиот регион.
– Без зголемување на довербата и соработката на безбедносните служби, нашиот регион ќе биде и натаму ранлив под заканите од насилниот екстремизам и радикализам, заканата од странските терористички борци – потенцира Иванов, додавајќи оти САД треба да помогнат во таа насока.
На средбата, на која се разменети мислења и информации за актуелните безбедносно-политички состојби во Република Македонија и во регионот, јави известувачот на МИА од Братислава, претседателот Иванов истакна дека на неинтегрираниот Западен Балкан му е потребен безбедносен чадор и посочи дека Република Македонија се надева на засилена поддршка од САД за полноправно членство во НАТО. Членството на Македонија во НАТО, подвлече Иванов, позитивно ќе влијае на безбедноста и стабилноста во регионот.
Претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за интегрирање на Република Македонија во НАТО, притоа нагласувајќи ја потребата од интензивирање на ваквата поддршка и во наредниот период.
– САД им дава посебно внимание на стратешките и партнерски односи со Македонија и благодарни сме за улогата и ангажманот на Македонија во мировните мисии и во коалицијата за борба против ИСИС – истакна генералот Ален.
Тој додаде дека САД се подготвени за продолжување и интензивирање на соработката со Република Македонија во сферата на безбедноста.
Во тој контекст, претседателот Иванов и генералот Ален го реафирмираа долгорочниот заемен интерес за интензивирање на стратешкото партнерство со САД, вклучувајќи ја и одличната соработка во одбраната и меѓународната борба против тероризмот – во согласност со Декларацијата за стратешко партенерство, од мај 2008 година.
На средбата беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на целокупниот дијалог, и интензивирање на постоечката соработка во сите области од заемен интерес, на билатерално и мултилатерално ниво.
Како што е најавено, попладне претседателот Ѓорге Иванов ќе се сретне со претседателот на Словачката Република Андреј Киска.
Инаку, вечерва, претседателот Иванов на безбедносниот форум ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top