Македонија стана дел од големото семејство на паневропската кампања за спречување на ракот на кожата во 2010 година и преку Здружението на дерматовенеролози на Македонија шести пат по ред се спроведува кампања за спречување на ракот на кожата. Главната активност на кампањата „Евромеланома 2015“ се бесплатните прегледи на бенките на кожата во јавни и во приватни дерматолошки институции низ Република Македонија што покажале интерес да се вклучат во кампањата. Меланомот е карцином со најбрз развој воопшто. Овој карцином е многу брз и сѐ почест, па затоа треба да се разговара на оваа тема. Пациентите треба да доаѓаат на преглед уште пред да почне летото бидејќи има начин тоа да се превенира со специфични витамини и минерали, кои ќе ја подготват кожата за летото, вели доктор Вангел Битољану, специјалист дерматовенеролог од „Вивидерм“.
Оваа година европската кампања за борба против ракот на кожата се одвива под мотото „Ракот на кожата може да се види! Препознај го рано и може да се излекува!“. И Македонија е вклучена во кампањата преку подигнување на јавната свест со бесплатни прегледи на кожата. Колку е важна превенцијата?
БИТОЉАНУ: Превенцијата е многу важна. Во Македонија подолго време работиме на подигнување на здравственото воспитание на пациентите. Тоа значи дека секоја кожна промена што пациентот ќе ја забележи на себе, треба да ја види и доктор специјалист по дерматовенерологија. Кај нас пациентите ја подразбираат превенцијата само во период кога заминуваат на летни годишни одмори. Од почетокот на појавување на првите сончеви зраци, од април, треба да се почне со превенција, односно со постепено изложување на телото на сонце за да се создаде меланин, кој е одбранбен систем за да не дојде до изгореници на кожата. Превенцијата се однесува и во делот на кремовите за сончање со висок заштитен фактор, кои мора да се користат.
Кои се клиничките знаци и симптоми на меланомот? Кога првпат пациентот треба да посети дерматовенеролог ако се сомнева во изгледот на некои бенки што ги има на кожата?
БИТОЉАНУ: Најдобриот пример е тој на американската школа за дератовенерологија. Тоа е класификацијата А, Б, Ц, Д, Е. Тоа се пет критериуми според кои секој човек треба сам да ги анализира бенките, а потоа треба да биде прегледан од дерматолог. „А“ значи асиметрија. Најчесто бенките се тркалезни. Ако дојде до асиметрични промени, односно отстапување од тркалезната форма, тогаш тоа може да биде знак дека нешто се случува. Таа деформација на бенката не значи дека е меланом, но е знак дека нешто почнало да се развива. „Б“ е „граница“ (од англискиот збор borders) и ако се поместат границите на бенката, ако тие станат нерамни и испакнати, тоа исто така е знак дека нешто се случува. „Ц“ или „боја“ (од англискиот colors) укажува на бојата на бенката. Ако таа ја менува бојата од посветла кон потемна, тоа треба да се сфати како знак за промена. „Д“ е „дијаметар“, односно ако дојде до нејзино зголемување, тогаш и тоа може да биде знак дека нешто се случува. „Е“ е „подигнување на нивото на кожата“ или (elevation), кое, исто така, е еден од симптомите што треба да ги натераат пациентите да дојдат на преглед.
Дали секоја бенка е знак дека нешто се случува со нашата кожа?
БИТОЉАНУ: Не секоја бенка е знак дека нешто се случува со кожата. Пациентите најчесто се плашат ако механички ја повредат бенката, односно ако ја раскрвават или слично. Таа повреда не значи дека нешто лошо ќе се случи, односно дека од бенигна ќе прејде во малигна бенка. Ако дојде до повреда, треба да посетат дерматолог за да се санира повредата и да не дојде до инфекција. Не секоја бенка е склона кон развивање меланом. Најчесто такви се бенките кои постојано се изложени на сонце – лице, деколте, подлактици и потколеници.
Кои се факторите на ризик за појава на рак на кожата?
БИТОЉАНУ: Постојат три главни фактори на ризик за појава на рак на кожата. Првиот е сонцето. Интересно е тоа што во Македонија, и покрај тоа што има многу сончеви денови во годината, луѓето претежно имаат многу светла кожа. За разлика од другите медитерански земји кои имаат слична клима, луѓето имаат потемен тен и немаат голема склоност кон развивање меланом. Кај нас сонцето е главна причина за промена на бенките, и тоа подоцна води кон развивање меланом или кон некој друг канцер на кожата. Вториот фактор на ризик е генетиката. Пациенти што имале во семејството меланом, треба да внимаваат бидејќи и без изложување на сонцето може да развијат меланом. Третиот фактор е хормоналниот дисбаланс. Најчесто во текот на бременост се случуваат промени на бенките.
Каква е јавната свест за опасностите од прекумерна изложеност на сонце?
БИТОЉАНУ: Мора да се работи на подигнување на свеста на луѓето за штетноста од прекумерно изложување на сонце. Меланомот е карцином со најбрз развој воопшто. Овој карцином е многу брз и сѐ почест, па затоа треба да се разговара на оваа тема. Пациентите треба да доаѓаат на преглед уште пред да почне летото бидејќи има начин тоа да се превенира со специфични витамини и минерали, кои ќе ја подготват кожата за летото. Ако има сомнителни бенки, дерматологот ќе ги прегледа. Треба да ѝ се обезбеди 12-месечна заштита на кожата бидејќи и преку зима сонцето влијае на кожата. Секој човек има посебен тип кожа која се класифицира од 1 до 6. Кај секого треба да се даде соодветно средство за заштита (со заштитен фактор од 20 до 50). Факторот за заштита треба да ги има и потребните филтри. Многу е важно и како се користи средството за заштита.
Дали солариумите се штетни?
БИТОЉАНУ: Солариумите како машини не се штетни бидејќи помагаат во лекување на многу дерматолошки заболувања, но штетни се бидејќи најчесто се употребуваат на места каде што нема едуциран кадар. Секоја кожа не може да добие иста количина на сончеви зраци. Во текот на специјализацијата и едукацијата на дерматовенеролозите се прават специфични „мет-тестови“. Прво треба да се одреди колкава количина на сончеви зраци може да прими секоја кожа и во кој степен може да биде изложена на сонце. Велиме дека се штетни солариумите бидејќи веќе има појава на кожен карцином. Солариумот е вештачки извор на сонце. Најчесто во нив влегуваат неподготвени и луѓе со различен тип кожа се изложуваат на иста сончева светлина.
Кои се правилните начини за заштита од штетното влијание на сонцето и на солариумите?
БИТОЉАНУ: Со заштита на кожата треба да се почне навреме, уште во февруари или март. Најчесто се препорачуваат кремови кои содржат бета-каротен со цел меланинот да биде подготвен, односно побрзо да се искачи на површината на кожата. Ако изложувањето на сончевите зраци е постепено, не треба да има проблем. Во случај пациентот да има сончева алергија, таа ќе се појави по помал интензитет.
Што велат податоците за Македонија, дали расте бројот на пациентите со меланом на кожата?
БИТОЉАНУ: За жал, бројот на пациенти расте, и тоа рапидно. Бројот е зголемен бидејќи кај пациентите е подигната свеста да посетуваат дерматолог и да доаѓаат на прегледи. Подобрата дијагностика и климатските промени што се случуваат, исто така, влијаат врз бројот на пациентите со меланом на кожата. Се смени климата и кај нас, така што и во април имаме УВ-индекс 8 или 9, што е многу силен за тој период од годината.
Интервјуто може да го погледнете на РепубликаТВ.
Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 145. број на неделникот „Република“, 12.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст