Европската унија очекува конструктивен исход на денешната средба на четворицата политички лидери во Република Македонија, Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети, што би донела договор кој во себе би го вклучил и она што веќе е договорено на средбата со псоредство на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа порака предмалку ја испрати портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, на прес-конференција во Брисел, во очи на средбата на лидерите во Скопје.
– На денешниот состанок на политичките лидери во Скопје, посредници се амбасадорот на ЕУ, како и американскиот амбасадор во земјата. Ние очекуваме конструктивен исход и обновена посветеност на политичките лидери, вклучително и на договорот од 2 јуни. Нашите позиции остануваат непроменети и ние веруваме дека во интерес на земјата и на луѓето, одржлив политички компромис е потребно да се постигне и ние сме подготвени да помогнеме во оваа ситуација – порача гласноговрничката на неформалната Влада на Унијата.
На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали Комисијата подготвува одржување завршен состанок на лидерите во европската престолнина идната недела, на кој освен комесарот Хан, медијатор би била и Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која пројави сериозен интерес за решавање на политичката криза во Македонија, портпаролката Коцијанчич рече дека не може да го потврди тоа.
– Освен денешниот состанок, јас не можам да потврдам некакви други состаноци. Но, би можела да кажам дека министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе дискутираат за ситуацијата во БЈР Македонија во понеделник, кога се среќаваат на нивниот редовен состанок во Луксембург – потврди Коцијанчич.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ земјите, во понеделник и вторник, во рамки на Советот на ЕУ, ќе ги носат заклучоците за Самитот на Европскиот совет што идниот четврток и петок ќе се одржи во Брисел, а каде меѓудругото, ќе се донесат заклучоци и во однос на евроинтеграциите на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.