Во очекување сме на процесот на скенирање, како чекор напред во евроатлантските интеграции, и тоа во еден бурен период во Македонија. Што, всушност, значи тоа и што носи реално во време, колку ќе се намали тој период кога ќе почнат вистинските преговори?
Попоски: Веројатно, ако воопшто можеме да издвоиме нешто што може да излезе како позитивно од целиот овој процес за надминување на политичката криза, тоа е можноста по конкретни теми во делот на поглавјата 23 и 24 да можеме да направиме чекор напред бидејќи како резултат на зголемениот фокус од ЕК многу е веројатно дека ќе произлезат препораки кои ќе ни бидат добра основа за реформите кои ќе треба да ги спроведеме во делот на владеење на правото, практично во сите области и во сите институции.
Во практика ќе ни дозволи да ја покриеме разликата во време која ја добивме во однос на Црна Гора и на Србија, кои формално почнаа со скенирање, а ние бевме блокирани. И мислам дека на тој начин ќе направиме една мобилизација за истите реформи што ќе бидат предуслов за нив, а претходно беа за Хрватска, со новиот пристап на преговарање за влез во ЕУ да ги направиме и ние. Од временска перспектива две работи се битни. Едната е колку бргу ние ќе испорачуваме, било да е тоа во доменот на медиуми било да е во доменот на владеење на правото, судството, практично сето тоа што е поврзано со тие сегменти, но, исто така, и колку брзо ќе биде подготвена ЕУ да ни дава нови одредници и колку политичката клима ќе се менува таму за затворање на поглавјата. Нам ќе ни треба политичка клима не само за отворање, туку и за затворање на поглавјата.
Кон крајот на месецов ќе бидете домаќин на вашиот колега од Атина, грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас. Што е на агендата на средбата?
Попоски: Главна тема, веројатно, ќе биде затворањето на планот за листа на мерки за градење доверба. Разменивме меѓу двете министерства, а до неговото доаѓање ќе има и неколку оперативни средби меѓу нашите политички директорати во МНР. Ќе ја заокружиме листата во делот на меѓудржавни договори, промоција на бизнисот, отворање гранични премини, поголемо поврзување и проекти за прекугранична соработка, и верувам во овој момент дека постои голема веројатност до тогаш да бидат завршени и ќе можеме да ги изложиме.
Другиот дел секогаш е поврзан со оној наметнат и долгогодишен спор за името за кој досега не сме виделе конкретни чекори за забрзување на тој процес или за активирање. Мислам дека не е реално да очекуваме некој голем чекор напред во поглед на името при таа средба, но ќе има голема симболика бидејќи не сме имале многу можности за билатерални средби во едниот или во другиот главен град и ќе имаме една можност да направиме еден чекор напред кон мерки кои би требало да бидат позитивно прифатени во двете држави.

Коѕијас доаѓа од кабинетот на Ципрас, кој промовираше еден послободоумен и поотворен приод во политиката и во настапите, односно покажува неформален приод во настапите, симболично со тоа што не носи вратоврска. Колку таа неформалност е присутна и во комуникацијата?
Попоски: Мислам дека имаме едно ниво на отворен разговор за сите прашања, и за оние за кои се согласуваме и за оние за кои не се согласуваме. И мислам дека тоа на што вие правите алузија за нивото на неформалност е рефлектирано и во нивото на разговорите. Има предност во тоа. Во ситуација во која две земји имаат бреме и тежина од наметнат спор, многу е полесно кога отворено си ги кажуваме работите. Многу е подобро доколку отворено си ги кажеме нашите стравувања дека Грција нема намера да се придвижи во решавање на спорот или нивната тенденција секогаш да го одложуваат и да го префрлаат на други полиња, нивните стравувања дека Македонија промовира иредентизам и дека тоа е загрозување на нивните национални интереси.
Позициите се јасни, предвидливи и на линија на она што е јавно комуницирано, така што од аспект на суштина не би можел да кажам дека ние имаме некое клучно поместување од нивна страна кон нас или од наша страна кон нив, но, дефинитивно, имаме една клима на ставање на аргументите на маса на неформален начин, нивно согледување и гледање што е можно да направиме на краток рок. Во овој момент мислам дека тоа што е можно да направиме на краток рок е, сепак, да имаме чекор напред во доменот на тие мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција.
Македонија и Грција се најдоа и на линија која повторно го подели светот – тоа е гасоводот „Турски тек“. И двете се на картата на гасоводот на Русија. Гасоводот стана еден вид референдумско прашање за Истокот или за Западот. Од друга страна, Македонија има потреба од гасот како стабилен енергент и за граѓаните и за инвеститорите.
Попоски: Би се согласил до некаде дека се создаде перцепција оти се работи за некаков референдум или за донесување одлуки за тоа дали Западот или Истокот треба да биде одлучувачки. Мислам дека, сепак, не соодветствува со реалноста. Две работи се битни. Едната е економска, а тоа е фактот дека ни требаат повеќе енергенти и дека колку повеќе проекти имаме што ќе донесат енергенти во целиот регион, вклучително и во Македонија, толку подобро ќе биде за нас бидејќи никој, ниту ние ниту нашите соседи, не е богат со енергенти. Енергијата е таа што ќе определи колку бргу ќе се развиваме. И во таа смисла работите се поедноставни и се согласуваме дека ни требаат повеќе. Вториот домен е политичкиот. Во однос на тоа, за нас е најзначајно дека ние стратегиски сме одлучиле оти треба да припаѓаме во една европска заедница. Тука е Европската унија, тука е НАТО. И дека е нормално доколку сакаме да припаѓаме во една таква заедница, одлуките кои се од стратегиско значење да ги донесуваме во соработка и во консултации со тие што ни се партнери.
Конкретно за „Турски тек“, нашата позиција е отворена од самиот почеток. Ние сакаме да има гасовод кој ќе овозможи да се донесе повеќе гас до Европа и кој, евентуално, би поминувал низ Република Македонија, со што би се намалила цената на енергентите и би се зголемило нивното количество. Од друга страна, за тоа да се случи, нам прво ни е потребен договор меѓу набавувачот, односно Русија и Турција која е првата точка на контакт на европскиот континент, а потоа со сите земји кои се на таа траса, а кои се дел од ЕУ, како Грција или Словачка, или се на пат да станат членки, како Македонија и Србија. Од првиот состанок што го имавме на министерско ниво во Будимпешта, меѓу сите овие земји беше присутна и Европската комисија. Вториот предуслов кој мора да се исполни е да има согласност од страна на ЕУ дека тоа нема да го наруши севкупниот пазар. Ова е нашата позиција и таа е многу јасна, базирана на стратегиска ориентација и приоритети, кои се членство во ЕУ и консултација со нашите партнери на овој пат и економската логика, односно носење повеќе гас и пониска цена, за што мислам дека сите сме согласни.

Како шеф на македонската дипломатија, како влијаат политичката криза во Македонија и справувањето со терористичката група во Куманово врз евроатлантската интеграција, врз добрососедството во регионот, па и врз странските инвестиции?
Попоски: Која било зголемена непредвидливост, а сигурно имате поголема непредвидливост доколку имате политичка конфронтација во земјата, не може да ви се одрази добро на климата во соседство, а уште помалку на климата за инвестиции. Оттука и главниот мотив да ги насочиме сите сили кон надминување на оваа криза и да ја вратиме предвидливоста на економски план, бидејќи таа ќе ни донесе повеќе инвеститори и креирање нови работни места.
Во однос на кризната ситуација во Куманово, која беше исклучително сериозна, најважно е да се каже дека таа беше надмината благодарение на македонскиот одговор на терен и во политичкиот дел, но, исто така, и на одговорот на нашите соседи кои на политичко ниво испратија јасни пораки дека кое било екстремно дејствување нема поддршка и мислам дека тука соработката и пораките кои беа испратени, и во Македонија од сите политички партии и во соседството, особено во Косово и во Албанија, беа пример за тоа како можеме да елиминираме закана која преку криминално-терористички активности има амбиции да стане фактор и да дејствува, би рекол, повеќе на јавната сцена отколку само преку криминални активности. Овој одговор беше пример за тоа како би требало да имаме дејствување кое ќе ги отстрани таквите закани и кое, конечно, ќе направи подобра клима за сите во регионот бидејќи никој нема интерес од зголемување на тензиите.
Во врска со случувањата во Куманово имаше различни известувања во Србија и во Бугарија. Какви се односите со нив?
Попоски: Со Србија имаме одлични односи и по самиот факт што е втор најголем трговски партнер на Република Македонија и по тоа што имаме огромна соработка во делот на транспорт и на поврзаност, српската заедница во Македонија, македонската заедница во Србија, навистина имаме одлични односи. Не ни помага кога имаме кризна ситуација да ги зголемуваме тензиите. Мислам дека тоа е валидно за сите земји од регионот, така што ќе треба да се фокусираме на тоа како комуницираме по однос на определени прашања од двете страни на границите. Тоа впрочем е и српски и македонски интерес. Но, конечно, добар репер за тоа каква е перцепцијата е и јавното мислење, според кое Србија е перципирана во Македонија како пријателска земја, а и во Србија мислам дека според многу анкети на јавното мнение Македонија е поистоветена како најблиска и најпријателски настроена земја. Мислам дека тоа треба да го искористиме и за поголема промоција и за поголема размена меѓу двете земји.
Односите кога сте кандидат за НАТО и за ЕУ секогаш се покомпликувани со тие кои се внатре, зборувам во однос на соседите, отколку со тие што се со вашиот статус, односно сакаат да влезат во клубот. Во Бугарија главното условување кое е на маса е дека Софија очекува да имаме договор за добрососедство и Софија очекува да имаме механизам со кој би ја следеле примената на тие мерки до нашето зачленување во ЕУ. Наш интерес ќе биде да создадеме клима со која во двете земји тоа нема да биде примено како инструмент за бугарски притисок врз Македонија, туку како начин на кој би ја зголемиле билатералната соработка на сите полиња. Тоа ќе биде клучно. Досега имаше прилично интензивна комуникација меѓу работни групи, но политичката нестабилност во Бугарија во определен период ја забави таа соработка, а потоа кај нас политичката ситуација беше таа која ни диктираше определено забавување на темпото. Сега сме во фаза кога со еден или два состаноци би можеле да ги ставиме работите на една јасна основа и би можеле да пристапиме кон затворање на тие прашања.

Како прв човек на дипломатијата, колку беше важно тоа што не се наруши меѓуетничката стабилност во државата со случувањата во Куманово?
Попоски: Секоја таква акција, секој настан со таква димензија носи сериозен ризик за перцепцијата од надвор. Тоа се случуваше и со акциите во големи земји како Франција, Белгија или Германија, истото се случува и со земјите кои сакаат да бидат дел од НАТО. За нас најзначајно беше тоа што политичкиот одговор на нашите соседи, особено на Албанија и на Косово, на ниво на институциите беше на линија на тоа дека сакаме да ги зачуваме стабилноста и мирот во регионот, а уште позначајно беше тоа што политичките партии во Република Македонија, без разлика на нивниот предзнак кој се поврзува со определена заедница, беа единствени. Ние сакаме Република Македонија со територијален интегритет и нема да дозволиме да дадеме политичка поддршка на криминални групи кои сакаат да ја злоупотребат позицијата, односно нивното брендирање за остварување некакви политички цели. Овој одговор е најзначаен за нашите партнери што нѐ набљудуваат бидејќи ќе имавме сосема друга оценка од земјите-членки на НАТО и на ЕУ доколку овој одговор не следуваше. Затоа сметам дека нивото на зрелост во одговорот покажува дека Република Македонија, соочена со таква сериозна закана, е доволно комфорна за НАТО и ЕУ да чувствуваат дека Република Македонија е партнер кој треба да биде во клубот. Во таква опасна и несреќна ситуација како таа во Куманово покажавме капацитет и за решавање проблеми на терен, но и за праќање јасна политичка порака за курсот кој го држи Македонија во надворешно-политички цели, а тоа е членство во НАТО и во ЕУ.
Разговараше: Наум Стоилковски
(Интервјуто со Никола Попоски е објавено во 145. број на неделникот Република, 12.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси
-
Попоски: Веруваме дека договорот со Бугарија може да биде подобар без да се наштети никому
-
Никола Попоски: Потребата за договор е наметната од страна на Бугарија (видео)


