Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека разговорите што ги води со европските лидери, околу барањата за реформирање на ЕУ „одат во добра насока„ забележува дека на целиот процес му е потребно време, како и дека ќе има „искачувања и падови“.
Изјавата на Камерон доаѓа по неговите денешни средби со претседателот на Европскиот Парламент и со премиерот на Република Ирска, Една Кени.
Во средбите во Лондон, Камерон настојувал да ги увери своите соговорници за потребата од промени во ЕУ.
Во текот на работниот појадок во Даунинг стрит 10, Шулц рекол дека е неопходно да се постигне компромис, додека ирскиот премиер Кени, по разговорите одржани попладнево, порачува дека тој ќе соработува конструктивно, со британскиот премиер.
Објаснувањето на британскиот премиер доаѓа по изјавата на германскиот канцелар Ангела Меркел, во Бундестагот, дека Велика Британија треба да се определи за тоа каква улога сака да игра во ЕУ, порачувајќи дека Германија би сакала Британците да останат во блокот земји кои имаат активна улога.
Британските барања за реформирање на Унијата, ќе бидат за прв пат, колективно дискутирани од европските лидери, на седницата на Европскиот совет на 25 јуни.
До тогаш, Камерон сака да се сретне и да разговара со политичките лидери на сите други 27 земји-членки,како и со другите клучни личности во европската политика, за да им ги објасни целите на британските барања.
Во Лондон е соопштено дека групата конзервативци-евроскептици подготвува свои барања за промени во ЕУ.
Британскиот премиер, вчера се сретна со италијанскиот премиер Матео Ренци, кој му порачал на Камерон дека Британија треба да остане во ЕУ, согласувајќи се дека се потребни некои реформи во Унијата.
Следната етапа на Камерон е Словенија.
Ова не е првпат некоја земја членка да побара преиспитување на нејзниното место во ЕУ-во 1992 година тоа го направи Данска, а во 2008 година, Република Ирска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.