| четврток, 6 декември 2018 |

Нестабилно време со можни грмежи и до крајот на денот

Времето до крајот на денот ќе биде променливо и нестабилно облачно со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни, проследени со грмежи и засилен ветер. И во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд кои повеќе ќе бидат застапени во јужните делови.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека вкупните врнежи на места ќе бидат над 25 литри на метар квадратен.

Околу пладне како и во попладневните часови Македонија беше под влијание на влажна и посвежа воздушна маса која се спушташе од запад и северозапад и предизвика нестабилност, на повеќе места со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Најмногу дожд до 17 часот наврнало во Штип – 10 литри на м2, во Скопје-Петровец – шест, во Прилеп и Тополчани – пет, во Лазарополе и Ѓуриште – четири, во Виница и Маврово – три, во Скопје-Зајчев Рид, Пожаране, Крива Паланка и Берово по два и еден литар на метар квадратен во Претор, Охрид и Демир Капија, соопшти УХМР.

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен повремено засилен северен ветер кои повеќе ќе биде изразен долж Повардарието и источните делови.

Утринската температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а дневната од 18 до 26 степени. УВ=5

Во Скопје ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремен дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 17, а дневната ќе достигне до 22 степена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top